Европскиот парламент го усвои својот прв извештај за напредокот на Северна Македонија од 2022 година. Европратеникот од Зелените/ЕФА, Томас Вајц од Австрија, известувач на Европскиот парламент за извештајот изјави дека некои бугарски европратеници го искористија извештајот за сопствени цели.
„Северна Македонија е лидер во регионот, покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи. Но, нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи јавно фрустрација и разочарување од ЕУ. Извештајот нагласува дека проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми и ја повикува Северна Македонија да ги спроведе потребните реформи“, изјави Вајц.
Тој ги повика сите политички партии да постигнат консензус кој би го забрзал темпото на државата кон ЕУ.
„Ги повикувам сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ. Како известувач, неуморно работев за добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја. За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели“, потенцираше Вајц.