Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, изјави дека Северна Македонија сè уште треба да усвои уставни измени за конечно да ги започне преговорите.
Тој во изјава за „360 степени“ додаде дека преговорите на земјата биле тешки и долги, но дека сега постои јасно мнозинство кое зборува само за себе, бидејќи извештајот денес беше одобрен во Комисијата за надворешни работи.
„Мислам дека тоа покажува јасна волја и поддршка од Европскиот парламент за процесот на пристапување, но тоа е процес базиран на заслуги, затоа се потребни реформи, потребни се уставни измени, кои можеби нема да бидат последни. Сите наши земји направија уставни измени за да можат да се приклучат кон ЕУ, кон заедничкиот пазар, кон заедничкото европско право.“
„Ова е многу нормален процес и да, Северна Македонија треба да ги преземе следните чекори, да направи уставни измени за конечно да можеме да започнеме вистински преговори“, рече Вајц.
Извештајот беше одобрен утрово со 40 гласа „за“, 19 против и 10 воздржани.