Љупчо Палевски – Палчо, главен осомничен за киднапирањето и бруталното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, е фатен вечерва на територија на Република Турција.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по повод апсењето на Љупчо Палевски – Палчо свика вонредна прес-конференција со почеток во 22:30 часот на која даде и досега непознати детали за убиството на Вања Ѓорчевска – случај што ја обви Македонија во црно.
„Почитувани граѓани и новинари. Денеска е поднесена кривична пријава против пет лица, која вчера беше соопштена, едно за киднапирање и убиство, три за киднапирање и помагање во убиство и едно за помагање. Она што сакам да ви го кажам лично, како човек и граѓанин на Македонија, е дека од нашите колеги од Турција добивме дека главниот организатор и непосреден извршител на овој страшен чин на нивна територија е уапсен. Ова беше последната алка од овој монструозен синџир“, изјави Оливер Спасовски.
„Овој монструм е виновен за двојно убиство, по него беше распишана меѓународна потерница (Љ.П.) за киднапирање и убиство. Црвена потерница. Но, врз основа на нашите оперативни сознанија за тоа каде се движи, не застанавме тука, туку ја продолживме билатералната соработка за фаќање на чудовиштето. На територијата на Скопје се пронајдени два пиштоли за кои се чека вештачење. Вања има прострелна рана, но обдукцијата ќе одговори на сите прашања“, откри министерот за внатрешни работи.
Тој додаде дека на Палчо му е одредена мерка притвор во отсуство, односно додека не биде испорачан во Македонија.
Оливер Спасовски им се заблагодари на Интерпол, Република Србија, Република Бугарија и Република Турција за соработката.
Оливер Спасовски порача дека веќе е поднесена претставка од 100 страници против четири лица. Главниот фокус на прес-конференцијата е дека во Турција е уапсено лицето Љ.П. (Љупчо Палевски) кој е главен планер, координатор и сторител на кривичното дело.
По него е испратена црвена потерница. Постапката за екстрадиционен притвор сега е во рацете на Министерството за правда, а потоа, кога тој ќе се врати во Македонија ќе се појави пред судот.
„Правдата е совест, не лична, туку совест на целото човештво. Затоа правдата треба брзо и целосно да се спроведува“, нагласи Оливер Спасовски на прес-конференцијата.