Јужнокорејските и американските војници неделава спроведуваат вежби со боева муниција за да го зајакнат капацитетот за одговор на потенцијален „напад во стилот на Хамас“ од Северна Кореја, соопшти денеска војската на Јужна Кореја.
Американските медиуми потсетуваат дека двете земји одржуваат редовни воени вежби, но овие од неделава доаѓаат по нападот што палестинската милитантна група Хамас го изведе врз Израел на 7 октомври, што, пак, го вклучи безбедносниот аларм во Јужна Кореја, која со Северна Кореја ја има најобезбедуваната граница на светот.
Експертите укажуваат дека севернокорејската артилерија со долг дострел, во случај на конфликт, може да истрела околу 16.000 гранати на час, што претставува сериозна закана за Сеул, град што се наоѓа на само 50 километри од границата со Северна Кореја.
Во тридневната вежба, што почнаа во средата, учествуваат 5.400 јужнокорејски и американски војници, 300 артилериски системи, 1.000 возила и дел од опремата на воздухопловните сили, соопшти јужнокорејската војска.
Како што е наведено, вежбите вклучуваат удари насочени кон „отстранување на изворите на непријателските артилериски провокации со долг дострел во ран рок“.
Северна Кореја не одговори веднаш на вежбите.
Американските медиуми наведуваат дека Јужна Кореја и САД ги прошируваат своите редовни воени вежби соочени со „напредната нуклеарна програма на Северна Кореја“.
Само минатата година и годинава Северна Кореја изврши повеќе од 100 ракетни тестови, од кои некои симулираа нуклеарни напади врз Јужна Кореја и САД.