Британската Национална агенција против криминал (НЦА) поведе официјална истрага против канадскиот готвач Кенет Ло поради поврзаност со 88 смртни случаи во Велика Британија.
Тој преку својата интернет страница ги снабдувал суицидалните лица со смртоносен отров.
НЦА наведе дека соработува со сите полициски сили за идентификација на потенцијалните жртви.
Списокот на Интерпол со детали за 232 негови британски клиенти беше предаден на агенцијата во Канада, а подоцнежната истрага покажа дека 88 лица починале во Велика Британија
Ло (57) е уапсен во Канада неколку дена откако Тајмс откри дека тој две години продавал отров на интернет. Тој на новинар на тајна задача му признал дека „многу, многу, многу, многу“ луѓе починале откако ја зеле супстанцата.
Според весникот аеронаутичкиот инженер кој станал готвач испорачал 1.200 пакети во 40 земји и е под истрага на полицијата во САД, Италија, Австралија и Нов Зеланд.
Согласно законите во Канада и во Велика Британија за помагање при самоубиство предвидена е максимална казна од 14 години затвор.
Ло денеска ќе се појави пред судот во Онтарио на сослушување за кауција.
Тој, претходно соочен со обвиненијата за помагање и поттикнување на самоубиство, изјави „само продавам производ. Можеби сакате да ги спречите луѓето да купуваат ножеви и пиштоли“.