Велика Британија постигна важен договор

Владата на Велика Британија вчера објави дека постигнала голем трговски договор со Индија, кој треба да доведе до раст на БДП, платите и извозот на Велика Британија.

Договорот, според проценките, би можел да го зголеми БДП на Велика Британија за 4,8 милијарди фунти годишно и платите за дополнителни 2,2 милијарди фунти, отворајќи нови пазари за компаниите низ Велика Британија, додаде лондонската влада, која го нарече овој договор „историски“.

Според договорот, царините за 90 проценти од британскиот извоз во Индија ќе бидат намалени, додека 85 проценти од стоките ќе бидат целосно ослободени од царина во рок од десет години. 

Особено е важно драматичното намалување на царинските давачки за шкотското виски и џинот, од сегашните 150 проценти на 75 проценти, а потоа на 40 проценти во десеттата година од договорот. 

Автомобилските производи ќе се извезуваат според квоти со намалени царини од повеќе од 100 проценти на 10 проценти. 

Ова е пресвртница за британските извозници – од производителите на медицинска опрема до дестилерите на виски“, рече министерот за бизнис и трговија на земјата, Џонатан Рејнолдс, додавајќи дека договорот е резултат на „стабилно и прагматично лидерство“. 

Договорот, исто така, предвидува олеснување на царините за козметика, електрични апарати, чоколадо, бисквити, јагнешко месо, лосос и безалкохолни пијалоци, а британските потрошувачи можат да очекуваат пониски цени и поголема достапност на производи од Индија, вклучувајќи облека, обувки и замрзнати морски плодови. 

Британските компании, особено малите и средни претпријатија, ќе имаат полесен пристап до индискиот пазар од 1,4 милијарди потрошувачи благодарение на поедноставените царински процедури, побрзото пуштање на стоки и новите дигитални решенија. 

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, истакна дека договорот е доказ дека неговата земја „влегла во нова ера на трговија и економија“, со фокус на раст на животниот стандард и директни придобивки за граѓаните.

„Нашата мисија е јасна: да ја зајакнеме економијата, да ги зголемиме платите и да обезбедиме стабилност за луѓето низ целата земја“, рече Стармер во соопштение објавено на веб-страницата на владата во Лондон. 

Договорот беше поздравен и од индискиот премиер Нарендра Моди, кој на социјалната мрежа X изјави дека договорот ќе ја забрза трговијата, инвестициите, растот, создавањето работни места и иновациите во двете земји. 

„Со нетрпение очекувам наскоро да го пречекам премиерот Стармер во Индија“, додаде Моди.