Со тоа што им се придружи на Канада и Франција во заедничка изјава со која го предупредија Бенјамин Нетанјаху да не продолжува војната во Газа, Обединетото Кралство се оттргна од својот претходно многу резервиран став кон израелската влада.
„Остро се спротивставуваме на проширувањето на воените операции на Израел во Газа. Нивото на човечко страдање во Газа е неподносливо“, се вели во соопштението на Обединетото Кралство кое го споделија и Отава и Париз, неколку часа откако израелскиот лидер ја објави својата намера да преземе целосна контрола врз Појасот Газа, пишува „Ле Монд“ .
„Одбивањето на основната хуманитарна помош на цивилното население од страна на израелската влада е неприфатливо и претставува ризик од кршење на меѓународното хуманитарно право“, додадоа тројцата лидери, канадскиот премиер Марк Карни, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Доколку Израел не ја запре обновената воена офанзива и не ги укине ограничувањата за хуманитарна помош, ќе преземеме понатамошни конкретни мерки како одговор“, предупредија тие.
Осврнувајќи се на конференцијата на 18 јуни, под претседателство на Франција и Саудиска Арабија под покровителство на Обединетите нации, а чија цел беше промовирање на решението за две држави, тие се обврзаа на „признавање на палестинска држава како придонес за постигнување решение за две држави“.
Според „Гардијан“ , на првиот подготвителен состанок во Њујорк пред конференцијата на ОН за решение за две држави, Саудиска Арабија ги повика земјите да ја признаат Палестина како држава, велејќи дека „признавањето треба да се гледа како предуслов за мир, а не како негов производ“.
Конференцијата се смета за потенцијален момент кога земји како Франција и Велика Британија, кои сè уште не ја признале Палестина, ќе преземат важен дипломатски чекор.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз може да ја признае Палестина, придружувајќи се на 147 други земји, но рече дека сака да го стори тоа на конференција на ОН.