Венс по средбата со Лами: „Трамп не планира да признае палестинска држава, ние имаме поинаков став“

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ.Д. Венс, за време на престојот во Велика Британија, разговараше со министерот за надворешни работи, Дејвид Лами, при што истакна дека Доналд Трамп нема намера да ја признае Палестина како држава.

Оваа средба во Велика Британија беше искористена како продолжение на дискусиите за голем број теми што американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер ги водеа во Шкотска во последните недели.

„Очигледно, Обединетото Кралство ќе ја донесе својата одлука. Немаме планови да признаеме палестинска држава. Не знам што би значело всушност да се признае палестинска држава, со оглед на недостатокот на функционална влада таму. И она што претседателот многу јасно го стави до знаење е дека нашите две цели во моментов се многу едноставни, во врска со ситуацијата во Израел и Газа“, рече Венс.

Според Венс, американската политика во Појасот Газа има две клучни цели, од кои првата е уништување на Хамас, додека втората е воспоставување посилна хуманитарна платформа за снабдување на цивилите во Појасот Газа.

„Мислам дека сите можеме да работиме на тоа како да го решиме тој проблем. Очигледно не е лесно да се реши, инаку веќе ќе беше решен, но мислам дека го делиме тој фокус и таа цел. Можеби имаме некои несогласувања околу тоа како точно да се постигне таа цел“, рече Венс.