Повеќе од една недела Грција се бори со огнената стихија која ги пустоши населените места и го принудува локалното население, како и туристите, да се евакуираат. Нов пожар сега стигна до античкото место на островот Пелопонез.
Пожарот стигна до регионот на Илија, во западниот дел на јужниот полуостров, а со помош на силниот ветер се прошири и во населени места. Некои населени места беа евакуирани како мерка на претпазливост.
Во меѓувреме, на грчкиот остров Родос, во близина на брегот на југозападна Турција, каде пожарите се под контрола од петокот, противпожарните екипи остануваат на подготвеност во случај на нови пожари. Поради ова, вонредната состојба на Родос е укината.
Надлежните преку мобилен телефон испратија порака до граѓаните и туристите во одредени области во која велат: „Можете безбедно да се вратите во своите домови“.
Според Картата за прогноза за ризик од пожар, објавена од грчкото Министерство за климатски кризи и цивилна заштита, утрешниот ризик од пожар е поставен на категоријата четири, што би значело „многу висок ризик“.
Четири лица загинаа во неодамнешните шумски пожари во земјата.
Властите на цивилната одбрана наредија евакуација на неколку села на неколку километри северозападно од Олимпија како мерка на претпазливост преку СМС пораки и предупредувања на Твитер.
Затворени се и патиштата во областа. Службите за итни случаи соопштија дека се распоредени 29 противпожарни екипи, пет авиони и еден хеликоптер.
Овој месец избувнаа шумски пожари во многу делови од земјата бидејќи температурите се искачија над 40 степени Целзиусови. За прв пат по повеќе од една недела, властите во саботата оценија дека ризикот од шумски пожари е малку помал – но многу региони сè уште се сметаат за загрозени.
По продолжениот топлотен бран и сушата, островот Родос и областа околу градот Анкиалос беа меѓу најтешко погодените области. Пожарите таму беа изгаснати или барем ставени под контрола до саботата.