Вештачката интелигенција ги знае лагите подобро од луѓето

Колку добро и колку брзо можете да препознаете кога некој ве лаже?

Истражувањата покажаа дека луѓето, генерално, многу лошо ја разликуваат вистината од лагата. Затоа, не е чудно што низ историјата луѓето се обидувале на различни начини да препознаат лаги, дури и со помош на технологијата.

Сега вештачката интелигенција е актуелна, па луѓето се прашуваат дали ќе можат да препознаат лага поефикасно од старите технологии.

Односно, како што пишува „ MIT Technology Review“ , некои веруваат дека вештачката интелигенција е таа што може да помогне да се подобри нашето препознавање на лагите, па дури и да бидеме подобри во тоа од полиграфските тестови.

Таквите системи може да се користат не само за препознавање на лаги во полициските истраги и испрашувања, туку и еден ден да ни помогнат да ги разликуваме вистинските факти од лажните вести, пренесува Телеграф.

Прашањето е само дали ќе му веруваме на тој систем и дали треба?

Група научници од германскиот универзитет во Вирцбург развија алатка која користи вештачка интелигенција и е значително подобра од луѓето во откривањето на лаги. Тие дури спроведоа серија експерименти врз луѓе за да проверат како работи алатката. Во една студија објавена во списанието „iScience“ , тие истакнуваат дека алатката, на некој начин, сепак била корисна, бидејќи им помагала на луѓето кои ја користеле подобро да ја откријат лагата.

Но, германските научници забележале и интересен феномен. Иако испитаниците за време на експериментите биле свесни дека 50 проценти од изјавите што ги оценувале се секако лажни, тие окарактеризираат само 19 проценти со овој опис. Но, кога користеле алатка за вештачка интелигенција, оцениле 58 отсто од изјавите како лажни.

Генерално, луѓето половина од времето ги препознаваа лажните изјави. Вештачката интелигенција помина малку подобро со 67 проценти од лажните изјави. Подобро од човечко, но сепак далеку од совршено.

Научниците кои ја дизајнираа алатката нагласуваат дека нивната цел била да создадат алатка за вештачка интелигенција која ќе биде подобра од човечка, а не дека ќе биде совршена во препознавањето лажни изјави.

Создавањето совршена алатка за вештачка интелигенција која ќе ја препознае секоја лага може да има негативно влијание врз луѓето и општеството, бидејќи може да влее сомнеж и недоверба.

Затоа, германските научници нагласуваат дека мора да се најде баланс меѓу алатките кои ќе ни помогнат полесно да ги препознаеме дезинформациите и лажните вести кои се шират на социјалните мрежи и нашата доверба во другите луѓе и нивната искреност.