Пред една недела се урна тунел во Индија. Во него беа заробени околу 40 рудари. Сè уште не се спасени. За да стигнат спасувачите до нив треба да дупчат околу 60 метри.
Вчера на местото на несреќата пристигнала нова дупчалка бидејќи старата била оштетена при обид да пробие премин низ карпите.
Досега успеале да дупчат околу 24 метри, изјави Девендра Патвал, претставник за управување со катастрофи. Тој рече и дека се размислува за нови начини на извлекување работници. Можеби ќе се обидат да ја искористат новата машина за да дупчат дупка на врвот на ридот под кој се заробени работниците.
Дипа Гаур, владина портпаролка, рече дека методот ќе потрае подолго бидејќи во тој случај ќе мора да ископаат околу 100 метри за да стигнат до работниците.
Тунелот долг 4,5 километри се наоѓа во северната држава Утараханд и е дел од автопатот Чар Дам, еден од најамбициозните проекти на владата на индискиот премиер Нарендра Моди.
Властите не кажаа што го предизвикало уривањето на тунелот, но регионот е подложен на лизгање на земјиштето, земјотреси и поплави.
Дел од тунелот се урнал кога група работници излегувала од градилиштето, а друга група пристигнувала.
Имаат доволно кислород, не се повредени
Спасувачите се во контакт со затрупаните работници преку воки-токи. Никој од луѓето во тунелот не е повреден.