Во Пекинг се одржува меѓународниот економски и политички форум „Појас и пат“, проект кој е силно поддржан од Народна Република Кина.
И додека земјите од Европската унија не учествуваат во него, освен ретки исклучоци како премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, „Појас и пат“ не можеше да помине без претседателот на Русија, Владимир Путин, како и без претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Го видов претседателот Владимир Путин, немавме билатерална средба, разговаравме накратко, тој имаше важна и долга средба со Си Џинпинг. Видов дека Владимир Путин пука од самодоверба“, рекол Александар Вучиќ и додал дека видел како рускиот претседател имал долг разговор со Си Џинпинг и Виктор Орбан.
Претседателот на Србија рекол дека тој самиот разговарал со Виктор Орбан за претстојната седница на Европскиот совет „која е важна за нас“ и „игрите што се играат таму“, по изјавата за сертификатите за српските јаболка и извозот на малини и овошје, пишуваат соседните медиуми.
Александар Вучиќ оценил дека со кинескиот претседател имал исклучително пријателски разговор за сите важни теми, пренесе RTS.
Како што изјавил, разговарале за Косово и Метохија, за почитување на меѓународните правни норми и низ што поминува Србија и за примена на двојни стандарди како непочитување на Повелбата на ОН и резолуцијата 1244.
„Наидовме на разбирање на нашите кинески пријатели. Разговаравме и за други работи кои ни се потребни, како соработка во сите области на економијата, бизнис, воено-техничка соработка“, рекол Александар Вучиќ.
Тој вели дека се зборувало и за инфраструктурно поврзување и за се поголемиот број кинески инвестиции, пренесува RTS.
Александар Вучиќ повтори дека договорот за слободна трговија, кој беше потпишан во Пекинг, може да стапи на сила до јуни следната година и истакна дека претседателот Си Џинпинг ја поддржува независна, слободарска и независна Србија. Зборувајќи за свечената вечера, Александар Вучиќ рекол:
„Мислам дека го добивме најголемиот аплауз по рускиот Казачок“.
На прашања на новинарите одговараше и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој посочи дека договорите потпишани со Кина се од историско значење.
Тежината и вистинитоста на убавите зборови на водечкото српско политичко дуо и наводните ветувања на светските сили ќе се видат многу наскоро во Брисел и во Њујорк.