Кошаркарите на Партизан синоќа со победата против Црвена звезда ја освоија АБА лигата, а вниманието на крајот од натпреварот го привлече тренерот Жељко Обрадовиќ кој му удри шлаканица на навивач кој влезе на паркетот и почна да ја слави победата.
На пет секунди до крајот навивачот истрча и почна да слави, а тоа предизвика гнев кај Обрадовиќ, кој му пријде, го удри со дланката по главата и го врати на своето место на трибините.
Потоа го почека крајот на натпреварот и отиде да се поздрави со противничкиот тренер Душко Ивановиќ, како и од целиот негов стручен штаб.
„Среќни и задоволни што натпреварот се одигра во фантастична атмосфера. Шампиони во оваа финална серија се навивачите на Партизан, бидејќи покажаа дека финалната серија може да се игра без никакви проблеми. Нашите навивачи ги срушија сите рекорди во Евролигата и АБА лигата, тие веруваа во нас и кога резултатите не ни одеа, беа со нас и без нив сигурно немаше да го постигнеме тоа што го направивме оваа сезона“, изјави по натпреварот Обрадовиќ.
Пантер беше најефикасен во победничкиот тим со 32 поени, а го следеа Ледеј со 15 и Нанали со 12. На другата страна Добриќ постигна 18, а Бентил 15 поени.
За Партизан ова е седма титула во регионалното натпреварување, прва по десет години, додека Звезда остана на шест. Со оваа победа Партизан го обезбеди настапот во Евролигата следната сезона.