Претседателот на Русија, Владимир Путин, и се обрати на нацијата откако војниците од платеничката воена група Вагнер на Евгениј Пригожин ја презедоа контролата врз руските градови Ростов на Дон и Воронеж.
„Обидот да се предизвика раскол во општеството е удар во грб“, вака Владимир Путин го започна својот вонреден говор, додавајќи дека преголемата амбиција доведе до предавство на Русија.
Владимир Путин вели дека им се обраќа на „оние кои биле намамени во авантура на вооружен бунт со измама или закани“.
„Властите нема да дозволат да се повтори расколот во Русија. Ќе го заштитиме народот“, нагласува претседателот на Русија.
Владимир Путин ја нарече акцијата на групата Вагнер како „криминална кампања еднаква на вооружен бунт“.
„Русија ќе се брани. Се бориме за животот и безбедноста на нашите граѓани и за нашиот територијален интегритет. Тоа е обид за субверзија одвнатре. Тоа е предавство“, нагласи Владимир Путин.
Тој оцени дека – личните интереси на Евгениј Пригожин довеле до предавство на државата.
„Сите што тргнаа по патот на предавството ќе бидат казнети и ќе одговараат за тоа. Вооружените сили ги добија потребните наредби. Се бориме против анархијата и капитулацијата. Овој внатрешен бунт е смртен удар за нас. Правам се за да го одбијам овој напад“, вели видно вознемирениот Владимир Путин.
Владимир Путин потегот на Евгениј Пригожин го нарече како – „убод во грб“.
„Оние кои се побунија ја предадоа Русија и ги повикувам сите инволвирани да престанат со секаков вид учество во вооружениот конфликт“, вели Владимир Путин.
Рускиот претседател предупреди и на „неизбежната казна“ што ги чека оние кои го делат руското општество и нагласи дека антитерористичкиот режим е на сила во главниот град Москва и во неколку други области.