Претседателот на Русија, Владимир Путин, се појави во градот Дербент, а беше пречекан од ентузијастичка толпа. Инаку, Дербент е најјужниот град во Русија, а воедно и трет по големина град во Руската Република Дагестан.
Како што може да се види од видеата кои кружат на социјалните мрежи, Владимир Путин се ракувал со толпата воодушевени граѓани, од кои некои дури се фотографираат со него. Згора на тоа, една госпоѓа меѓу насобраните граѓани толку многу го развеселила претседателот на Руската Федерација што тој ѝ дал бакнеж во челото за време на фотографирањето.
Аналитичарите и голем број западни политичари рекоа дека Владимир Путин е ослабен од бунтот во Русија минатиот викенд и најверојатно ќе сака да покаже дека сè уште е популарен кај својот народ.
Очигледно, Дагестан е едно од местата од каде што рускиот претседател решил да си го врати стариот имиџ назад.
Сепак, не се сите толку сигурни дека токму Владимир Путин толку невнимателно влетал во толпата и ги гушкал луѓето. Некои корисници на социјалната мрежа Твитер веруваат дека параноичниот руски претседател никогаш не би ризикувал близок контакт со луѓе (или поради страв од напад, или поради страв од вирус – да потсетиме на неговата целосна изолација за време на пандемијата со Ковид-19). Затоа, се шпекулира дека меѓу народот всушност бил двојник на Владимир Путин, еден од неколкуте кои според непотврдени гласини ги користи рускиот претседател.
Инаку, Владимир Путин освен дружење со граѓаните ја посети и тврдината Нарин-Кала во Дербент.
Во меѓувреме, дел од руските медиуми тврдат дека е уапсен генерал-полковник Сергеј Суровикин, познат и како „Генерал Армагедон“. Сергеј Суровикин командуваше со руските сили во Украина од есента минатата година до јануари оваа година, при што успешно ги консолидираше руските одбранбени линии, а се смета и за еден од луѓето зад поставувањето на руската тактика за заземање на Бахмут. Во јануари оваа година на чело на руските сили во Украина беше сменет од генерал Валериј Герасимов, инаку началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација. Сергеј Суровикин, пак, тогаш беше назначен за еден од неговите заменици.
Сергеј Суровикин инаку се сметаше за близок до лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој често го издвојуваше како еден од ретките способни руски генерали, особено во споредба со Валериј Герасимов или министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Еден од руските извори вчера за западните медиуми изјавил дека во неуспешниот бунт на Вагнер, Сергеј Суровикин ја избрал страната на Евгениј Пригожин, поради што водечките луѓе на војската и разузнавачката заедница „го фатиле“.
На прашањето каде е сега генералот, Кремљ само кратко одговори: „Ние не ги ни коментираме овие информации внатрешно“.