Во текот на денот, израелските вооружени сили погодија повеќе од 550 цели на Хамас во Појасот Газа.
Ова го потврди портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Авичај Адраи.
„Израел изврши серија густи и континуирани напади врз Појасот Газа што резултираше со уништување на повеќе од 550 инсталации на Хамас. Тука спаѓаат високи згради, куќи, инфраструктура, позиции, станбени комплекси и други објекти што ги користи Хамас“, изјавил Авичај Адраи за тамошните медиуми.
На социјалните мрежи се појави страшна видео-снимка од Појасот Газа, на која се гледа дека градот е речиси целосно зафатен од пламен додека непрекинато одекнуваат експлозии, а истата видео-снимка можете да ја погледнете ОВДЕ. Воздушните напади, наводно, предизвикуваат експлозии кои може да се слушнат дури и во Египет.
Портпаролот на ИДФ истакна дека Армијата извршила воздушни напади и врз групи кои се обидувале да навлезат на израелска територија, при што наводно загинале неколку стотици членови на Хамас.
Портпаролот на Хамас, сепак, вели дека не се зборува за прекин на огнот бидејќи Израел ја ескалира војната.
„Рано е да се зборува за посредување бидејќи бојното поле одредува кој ја контролира ситуацијата“, изјави потпаролот на Хамас.
Израелските сили, да потсетиме, во моментов го гранатираат Појасот Газа и палестинската територија, додека Хамас ги напаѓа јужните и централните делови на Израел.
Бројот на загинати се зголемува од час во час.
Израел вели дека најмалку 700 луѓе се убиени, а повеќе од 2.100 се ранети од почетокот на нападот во саботата.