Две лица го загубиле животот, а најмалку 12 се повредени откако келнер запалил пица пред ресторан. Смртоносен пожар избувнал во италијански ресторан во Мадрид, Шпанија, за кој се верува дека го предизвикал келнер кој го запалил оброкот додека ги служел гостите, пишува Daily Mail.
„Фламбе“ е техника на готвење во која храната се полева со алкохол и се пали за да се создаде излив на пламен. Наводно се работи за специјализиран бар во областа Саламанка во шпанската престолнина, каде што се случил фаталниот инцидент во петокот вечерта.
ВИДЕОТО МОЖЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ОВДЕ.
Карлос Марин, ноќниот надзорник на противпожарната служба во Мадрид, изјавил дека клиентите останале заробени внатре без излез, откако пламенот го зафатил ресторанот и брзо се проширил низ покривот, објавува CNN.
Во видеото објавено од службите за итни случаи на градот Мадрид, тој вели:
„Ресторанот имаше само еден излез, а бидејќи пожарот беше многу блиску до вратата, луѓето се вратија назад во ресторанот и беа целосно заробени“.
Шест лица повредени во пожарот се во тешка состојба во болница, соопштиле од градската служба за итна помош за тамошните медиуми.
Очевидец за весникот El Pisa изјавил дека пожарот избувнал откако келнерот ја запалил пицата, а пламенот ги зафатил таванот и ѕидовите.
Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез Алмеида, им изјавил на новинарите на местото на настанот дека загинале еден вработен во ресторан и еден клиент. Двете жртви биле на возраст меѓу 25 и 30 години.
Градоначалникот за шпанската државна телевизија TVE изјавил: „Изгледа дека пожарот започнал кога се сервирала пица, која ги запалила украсите во ресторанот“, и додал: „Пожарникарите ми рекоа дека станува збор за сериозен пожар од начинот на кој се запалил и од чадот што го произведувал, а доколку пожарникарската станица не била на само 100 метри, бројот на жртвите можел да биде поголем“.
Градоначалникот тврди дека во ресторанот во моментот на пожарот имало околу 30 гости и персонал, објави Daily Mail. Пожарот бил изгаснат во рок од 10 минути по првото предупредување за пожар.
Очевидци изјавиле дека виделе дека пламенот брзо се проширил по ѕидовите и таваните додека службите за итни случаи се бореле да ги спасат оние што биле внатре. Шпанската полиција ги истражува причините за пожарот.