Претседателот на Франција, Емануел Макрон, предупреди во средата на „одговорноста на косовските власти“ во врска со влошувањето на ситуацијата во Косово, по жестоките судири во кои беа повредени 30 војници на НАТО (КФОР).
„Очигледно е дека постои одговорност на косовските власти во сегашната ситуација и дека договорот кој беше важен и беше потпишан пред само неколку недели не се почитува“, изјавил Емануел Макрон на прес-конференција во Братислава, Словачка.
Ситуацијата веќе неколку дена е многу тензична на тој простор каде од година во година продолжуваат кризите. Многу членови на српската заедница, која е мнозинство во четири градови на северот, не го признаваат авторитетот на Приштина и се лојални на властите од Белград.
Србите на тие места ги бојкотираа локалните избори во април, па на изборите излезноста беше помала од 3,5 отсто, а беа избрани градоначалници Албанци. Нивното преземање на функцијата минатата недела предизвика насилство.
„Јасно им кажавме на косовските власти дека распишувањето на изборите е грешка“, нагласил Емануел Макрон.
Претседателот на Франција ги обвинува косовските политичари за непочитување на договорот со кој заврши процесот започнат со европско посредништво, со посебно учество на чешките преговарачи, германскиот канцелар Олаф Шолц, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и самиот тој.
Русија ги поддржува Србите во Косово и верува дека нивните законски права и интереси мора да бидат заштитени, соопшти во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Дмитриј Песков кажа и дека Москва со загриженост ги следи немирите на Косово.
„Безусловно ги поддржуваме Србија и Србите… Сметаме дека мора да се почитуваат сите законски права и интереси на косовските Срби“, потенцирал Димитриј Песков на дневната прес-конференција, додавајќи дека не смее да има простор за „провокативни дејствија“.
НАТО во вторникот соопшти дека ќе испрати 700 дополнителни војници во Косово и ќе стави уште еден баталјон во состојба на готовност додека Србите продолжуваат да протестираат против новите градоначалници.
НАТО веќе има околу 4.000 војници во Косово.
Нови протести на српското малцинство на Косово избија во средата на северот на земјата, а учесниците на собирите во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток повикаа на повлекување на полицијата и локалните градоначалници.
Ситуацијата се уште е мирна, пренесува косовскиот веб-порталот koha.net.
Полските војници во средата застанаа во стража пред градското собрание во Звечан, додека демонстрантите од другата страна на оградата го развиорија големото српско знаме со аплаузи и свирежи.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ја ставил војската во целосна борбена готовност и им наредил на војниците да се приближат до границата.
Русија не ја признава независноста на Косово и го блокираше обидот на Косово да стане членка на Обединетите нации.