Се чини дека грчките власти добиле важни информации од мобилните телефони на хрватските хулигани кои се обвинети за убиство на еден навивач на фудбалскиот клуб АЕК, како и од мобилните уреди на грчки навивачи, пишува Newsbomb.
Развојот на настаните во случајот со убиството на Михалис Кацурис (29 г.) од страна на хрватските хулигани е турбулентен откако беа откриени нови податоци во мобилните телефони на хулиганите на Динамо Загреб.
Како што објави SKAI, властите почнале да вадат податоци од нивните мобилни телефони, а во извештајот е прикажана историјата на пребарување од мобилниот телефон на еден од уапсените – се прикажуваат локациите што ги барал на апликацијата Google Maps.
Исто така, како што може да се види од новото видео, хулиганите пред убиственото дивеење ставиле бели ленти на рацете за полесно да се види кој е кој.
Да потсетиме, грчката полиција соопшти дека трага по уште 10 Хрвати кои не се уапсени и не успеале да ја напуштат земјата.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, за грчките медиуми изјави дека веќе донел одлуки со кои планира да стави крај на злото на хулиганството, а тие се движат во три насоки: промени во судскиот третман на хулиганските злосторства, подобрување на соработката со европските спортски организации и реструктуирање на грчката полиција во однос на превенција и сузбивање на вакви епизоди. Целта, вели тој, е да се избркаат хулиганите од стадионот и кај нив да се вратат грчките семејства.