На социјалните мрежи се шири кратко видео кое е создадено пред неколку месеци, а во кое е снимен разговорот помеѓу првиот човек на Вагнер, Евгениј Пригожин и рускиот воен блогер и јутјубер Семјон Пегов, попознат како „WarGonzo“.
Многумина сега се убедени дека токму тоа е моментот кога Евгениј Пригожин решил да започне вооружен бунт во Русија.
„Не ти даваат повеќе оружје затоа што можеш да се свртиш против Москва, да го нападнеш Кремљ. Дали оваа претпоставка е неоснована или не ?“, го прашува рускиот воен блогер првиот човек на Вагнер.
„Ќе марширам до Москва ?“, му одговара Евгениј Пригожин, а воениот блогер потоа му објаснува на што точно мислел: „Па, нивното објаснување е дека Вагнер постигнал одредена автономија и дека Евгениј Пригожин има одредени политички амбиции и дека може да си ја земе приватната војска, да ја сврти и да ја узурпира власта во Русија“.
Потоа, Евгениј Пригожин станал сериозен и му рекол: „Што се однесува до маршот во Москва, тоа е интересен предлог, но не размислувам за тоа“.
„Не, не ни предложив да го направиш тоа!“, заклучува воениот блогер во кратко видео кое кружи на социјалните мрежи.
Корисниците на социјалната мрежа Твитер пишуваат дека видеото го покажува точниот момент кога „му се родила идеата“ на Евгениј Пригожин откако рускиот блогер го спомнал маршот до Москва.
Во невиден досега предизвик за авторитетот на рускиот претседател Владимир Путин, борците на Вагнер во саботата се упатија кон Москва, барајќи смена на военото раководство поради, како што тврдат, лошото водење на војната во Украина.
Тие потоа ненадејно го прекинаа својот бунт и се вратија во своите бази според договорот со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Лидерот на руската платеничка група Евгениј Пригожин го шокираше светот кога во саботата започна вооружен бунт.
Тој побара министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов – кого ги критикуваше за, како што вели, катастрофалното раководство на војната против Украина – да дојдат во Ростов на Дон, кој неговите сили и да разговараат.
Тој тогаш кажа дека има 25.000 борци кои ќе ја „обезбедат правдата“, без да обезбеди докази, дека руската војска убила голем број борци од неговата приватна група Вагнер во воздушен напад, што Министерството за одбрана на Русија тоа го негираше.
Во своето прво обраќање по бунтот, во понеделникот, Евгениј Пригожин, меѓу другото, кажа дека целта на неговиот бунт не е соборување на постоечкиот режим и легално избраната Влада.
„Маршот покажа дека има сериозни безбедносни грижи во земјата“, нагласи лидерот на Вагнер.
Евгениј Пригожин повтори како руската Армија го нападна логорот на Вагнер со проектили и хеликоптери, при што животот го загубиле 30 борци на групата.
Тој тврди дека тоа било директна причина за „маршот на правдата“ кон Москва, иако засега нема докази за такво нешто.