Првиот човек на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, започна голема одмаздувачка кампања против руското воено раководство, нарекувајќи го генералот на Владимир Путин (Сергеј Шојгу) како – „зло што мора да се запре“, откако, како што тврди, Русија ги бомбардирала базите на неговата армија.
Евгениј Пригожин вели дека неговите сили ја презеле контролата врз сите воени локации во Ростов на Дон. Првиот човек на Вагнер во новата видео порака вели дека сите воени локации во тој руски град се под контрола на неговата група.
Во видеото објавено на социјалната мрежа Телеграм, Евгениј Пригожин исто така вели дека тој и неговите луѓе се во воениот штаб на јужниот округ во Ростов на Дон и истакнува дека тоа не е мешање во спроведувањето на Русија на, како што ја нарекуваат, „специјална воена операција“ во Украина.
Погледнете го видеото ОВДЕ.
На Интернет кружи видео кое наводно го прикажува Евгениј Пригожин во јужниот воен штаб на Русија во Ростов на Дон. Во видеото, Евгениј Пригожин вели дека неговите војници ќе го блокираат градот и ќе продолжат кон Москва, освен ако кај нив не дојдат началниците на одбраната Сергеј Шојгу и Валери Герасимов, јавува BBC.
Инаку, Евгениј Пригожин малку порано изјави дека неговите борци и тој се подготвени да загинат за татковината и ослободувањето на рускиот народ од сегашното воено раководство.
„Подготвени сме да умреме, сите 25.000“, кажа Евгениј Пригожин во новата аудио порака објавена на социјалната мрежа Телеграм.
„Бидејќи ние гинеме за татковината, умираме за рускиот народ кој мора да се ослободи од оние кои го бомбардираат цивилното население“, нагласи лидерот на Вагнер.
Евгениј Пригожин во новата аудио порака на социјалната мрежа Телеграм објави дека неговите сили собориле руски воен хеликоптер.
„Кога хеликоптерот отвори оган врз колона цивили, беше соборен од единиците на Вагнер“, вели Евгениј Пригожин, но не откри каде наводно се случило тоа. AFP не може самостојно да го потврди тврдењето на Евгениј Пригожин.
Гувернерот на руската област Ростов, која граничи со Украина на исток, ги повика жителите да останат во своите домови, објави BBC, откако Евгениј Пригожин и неговите борци соопштија дека преминале од Украина во Русија.
Евгениј Пригожин претходно изјави дека неговите борци ја преминале границата од Украина кон Русија и дека ќе „одат до крај“ против руското воено раководство.
Непотврдено видео објавено на профил со име „Wagner“ на социјалната мрежа Телеграм покажува шума, каде што се гледаат мали пожари и уништени дрвја. Видеото содржеше натпис: „Извршен е ракетен напад врз камповите на Вагнер. Бројни жртви. Според очевидци, нападот бил извршен од зад грб, односно го извршила Армијата на Министерството за одбрана на Русија“.
Лидерот на Вагнер нагласи дека се подготвени да одат „до крај“ против руската Армија.
Во Москва се зајакнати безбедносните мерки, соопшти руската медиумска агенција ТАСС, пред се околу најважните владини локации и инфраструктура во главниот град. Руската разузнавачка служба ФСБ ги повика борците на Вагнер во саботата да одбијат да ги извршуваат „криминалните и предавничките“ наредби на нивниот лидер Евгениј Пригожин, откако тој најави одмазда против рускиот воен врв и да преземат чекори за негово апсење, додека Министерството за одбрана на Русија соопшти дека Украина е нападната и за време на хаосот во Русија во близина на Бахмут во источна Украина.