Денвер Нагетс со „метла“ ги исфрли Лос Анџелес Лејкерс!
Денвер Нагетс го добија четвртиот натпревар од финалната плеј-оф серија во Западната конференција во НБА лигата (4-0) по најголемата драма досега и големиот пресврт (113:111), а со тоа тимот на Србинот Никола Јокиќ за прв пат од своето постоење ќе се бори за шампионскиот прстен односно титулата.
Големото финале во НБА лигата нема да започне пред 1. јуни, а противник речиси сигурно ќе биде Мајами Хит, доколку Бостон Селтикс не го „сврти“ водството од 3-0 во финалната плеј-оф серија на Источната конференција.
И на овој натпревар Никола Јокиќ беше клучна фигура за својот тим, па по којзнае кој пат покажа дека е лидер на паркетот. Тој забележа нов трипл-дабл, дури и осми во плеј-офот, а во исто време го собори рекордот на Вилт Чембрлен, кој се сметаше дека ќе „трае вечно“ и стана МВП на финалната серија. Никој во историјата на НБА досега немал повеќе трипл-дабл учиноци во плеј-офот од Никола Јокиќ.
На крајот, момчето од Сомбор ја мина речиси секоја секунда на теренот (45:16) и натпреварот го заврши со 30 поени, 14 скока и 13 асистенции. Со серија од 25:5 благодарение на мајсторијата на Никола Јокиќ, Денвер Нагетс прв пат поведе на 4:39 пред крајот на третиот период (83:81), а во тие седум и пол минути пресврт, тој забележа 10 поени, девет скока и две асистенции. ЛА Лејкес уште еднаш се вратија во живот во текот на натпреварот, а потоа следеше „затворање на натпреварот“ под режија на Србинот. Никола Јокиќ стави точка на натпреварот кога погоди тројка за водство од 109:104, а конечниот резлутат заврши 113:111.
Никола Јокиќ имаше голема помош од својот соиграч Џамал Мареј, кој постигна 25 поени, а на крајот го блокираше ЛеБрон Џејмс за израмнување.
Од друга страна, ЛеБрон Џејмс одигра „како да му е последен натпревар во животот“ и заврши со 40 поени, 10 скока и девет асистенции, но најголемиот дел од своите поени ги постигна во првото полувреме (31).