Веројатно ниту самиот Кристијано Роналдо не знае колку рекорди собори во текот на неговата богата кариера, сепак ноќта која е зад нас долго ќе се памети…
Неговиот Ал Наср убедливо го победи Ал Итихад со резултат од 5:2, а одличниот Португалец погоди двапати и со тоа испиша нови страници во историјата.
Оваа календарска година тој 53 пати ги „проверуваше“ противничките голмани и на тој начин ги престигна Килијан Мбапе и Хари Кејн и сега го зазеде тронот на листата на стрелци.
А како „шлаг на тортата“, Кристијано Роналдо синоќа го одигра својот 1000-ти клупски натпревар, а ако се бројат настапите за репрезентацијата, Кристијано Роналдо во текот на кариерата истрчал на теренот 1.205 пати.
Инаку, синоќешниот натпревар привлече големо внимание бидејќи дресот на Ал Итихад го носи познатиот стрелец Карим Бензема. Кристијано Роналдо и Карим Бензема долго време беа соиграчи во Реал Мадрид, а откако секој од нив тргна по својот пат, почнаа да се шират гласини дека не се во одлични односи.
Ова можеше да се заклучи и од тоа што не се ракуваа пред судиите.
Сепак, на социјалните мрежи се појави видео од тунелот каде е откриена вистинската врска меѓу двата фудбалски асови. И двајцата насмеани, срдечно се поздравија и извесно време поминаа во пријатен разговор.