Најмалку 53 лица се повредени во понеделникот попладне во општина Звечан на северот на Косово во судирот помеѓу силите на КФОР и демонстрантите кои се противат на доаѓањето на градоначалниците Албанци избрани на спорните изборите што беа бојкотирани од Србите.
„Тројца од нив се задржани во болница, а еден маж е опериран и е во тешка состојба бидејќи има прострелна рана, додека другото лице со тешки повреди“, изјавил началникот на КБЦ Косовска Митровица, Златан Елек, за N1.
N1 дознава дека меѓу повредените е и еден од српските политичари, додека медиусмката агенција Tanjug јави дека нејзиниот новинар бил повреден кога шок бомба му паднала пред нозете.
Според извештајот на Радио Слободна Европа (РСЕ), повредени се и војници на КФОР, што го потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ во вчерашното вонредно обраќање до нацијата.
„Повредени се вкупно 41 припадник на КФОР, тројца се тешко ранети. Се надеваме дека ниту еден од нив не е во животна опасност“, објави Александар Вучиќ.
КФОР, мировната мисија на НАТО во Косово, го осуди насилството.
„Соочени со најактивните демонстранти, неколку војници на италијанскиот и унгарскиот контингент на КФОР беа предмет на неиспровоцирани напади и добија трауматски рани со скршеници и изгореници поради експлозија на запаливи средства“, се вели во соопштението на КФОР, пренесува медиумската агенција Reuters.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи го обвини нејзиниот српски колега Александар Вучиќ за дестабилизација на Косово.
„Српските нелегални структури предводени од криминални банди ја нападнаа косовската полиција, офицерите на КФОР и новинарите. Оние кои ги извршуваат наредбите на Алекандар Вучиќ за дестабилизација на северот на Косово мора да се соочат со правдата“, кажа во своето излагање Вјоса Османи.
На социјалните мрежи кружат вознемирувачки видеа на кои се гледаат ужасите од вчерашниот насилен конфликт на Косово, како и ранетите војници.
Претходно вчера, косовската полиција се обиде да ги растера Србите кои протестираа со солзавец, а Србите имаа за цела да ги спречат албанските градоначалници, избрани на неодамнешните спорни локални избори, да преземат должност во градовите на северот со мнозинско српско население.
Радио-телевизијата на Србија објави вчера дека силни сили на КФОР почнале да ги разбиваат протестите пред општина Звечан со употреба на солзавец и шок-бомби, на што демонстрантите возвратиле со камења, шишиња и други предмети. Има многу повредени лица.
Војниците на КФОР, вооружени со долги цевки и опрема за разбивање демонстрации, и денес од утрово се распоредени пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, изјави дека – „постои договор за деескалација на ситуацијата“, но дека не знае како тоа може да се постигне.