На грчкиот остров Родос, погоден од голем шумски пожари, досега се евакуирани околу 30.000 жители и туристи од населбите долж 9-километарскиот фронт каде пожарникарите, Армијата и локалните служби со денови се борат со пожарот.
„Околу 2.000 луѓе се евакуирани по море од две плажи на Родос“, изјави портпаролот на противпожарната служба Јанис Артопиос, нагласувајќи дека евакуацијата се одвивала „без инциденти“.
Грчките медиуми наведуваат дека во евакуацијата помогнале три брода на крајбрежната стража, еден воен спасувачки брод, гумени чамци на специјалните сили и околу 30 приватни пловни објекти.
BBC јавува дека повеќе од 3.500 луѓе се евакуирани на безбедно по копно и море, а уште 1.200 чекаат евакуација од три села – Пефки, Линдос и Калатос.
Грчката противпожарна служба соопшти за британскиот медиумски сервис (BBC) дека се извинува за „конфузијата“ на островот, предупредувајќи дека ситуацијата може да се влоши поради временските услови.
AFP наведува дека повеќе од 200 пожарникари и пет хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот на Родос, а во моментов се води битка за гаснење на пожарите во близина на Лермонт и Лардос.
„Ова не е пожар што ќе се гаси утре или задутре. Со него ќе треба да се справуваме со денови“, изјавил портпаролот на противпожарната служба, Василис Вартакојани.
Тој вели дека ветровите и огнениот фронт долг девет километри од центарот на Родос до плажите на истокот на островот создале екстремни услови.
Според локалните власти, ветерот утринава се свртел за 180 степени, а огнот се засилил и се проширил со километри кон туристичката зона.
Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека е активиран кризниот штаб за евакуација на странски државјани, но операцијата била забавена поради пожарот, кој се проширил и прекинал некои патни рути.
Туристите и многу локални жители се преместени во спортски сали, училишта и конференциски центри на островот, каде што ќе останат во текот на ноќта додека пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот.
Дел од евакуираните туристи се сместени на три фериботи закотвени во пристаништето Родос.