Ситуацијата на Родос во Грција стана драматична бидејќи силните ветришта што дуваат во тој крај го отежнуваат гаснењето на пожарот.
Три брода на крајбрежната стража и повеќе од 20 приватни пловни објекти евакуираа речиси 1.000 луѓе во Киотари и Лард. Еден поморски торпедо брод и два други десантни летала стигнаа на островот на помош.
Три големи хотелски комплекси лоцирани во јужниот дел на Родос се итно евакуирани, а спасувачките служби прават напори штетите да се намалат на минимум. Централното пристаниште на Родос им нареди на сите туристички чамци што се движат во Мандраки да превезуваат туристи од евакуираните хотели на безбедно на плажата Калатос.
Властите претходно побараа евакуација на многу села на Родос преку телефонската линија 112.
Во еден момент пожарникарите останале заробени во близина на манастирот Ипсени, кој монасите не сакале да го напуштат, но, како што пренесуваат локалните медиуми, успеале да се извлечат од огнениот обрач.
Според грчките медиуми, пожарот од воздух го гаснат два хеликоптери и три авиони. Има и специјален хеликоптер Mi-26 кој Јордан го испрати во Грција за да се бори со шумските пожари.
На островот веќе има пристигнато 32 пожарникари од Словачка и 13 противпожарни возила со екипа од Романија.
За потсетување, петти ден по ред беснеат пожари на островот во Грција.
Заменик-началникот на противпожарната служба Јанис Артофиос денес изјави дека пожарот на Родос е најсериозниот пожар со кој се соочила Противпожарната служба досега.