Украински беспилотни летала се соборени во близина на главниот град на Русија – Москва, јужниот регион Ростов и југозападниот регион Брјанск во раните утрински часови во четвртокот, соопшти руската државна медиумска агенција РИА Новости.
Според друга државна медиумска агенција, ТАСС, три згради биле оштетени во градот Ростов-на-Дон, а едно лице е повредено кога еден од дронови се урнал во центарот на градот. Уште еден дрон во областа на овој град паднал надвор од градот.
Како што пренесуваат западните медиуми, повикувајќи се на извори од Русија, во Ростов-на-Дон се регистрирани експлозии во близина на зградата на Командата на рускиот јужен воен округ – инаку, местото од каде што се координира руската агресија врз Украина.
Во Брјанск, остатоците од еден од двата уништени беспилотни летала ги скршиле стаклата на зградата на железничката станица и оштетиле автомобили во близина, јавуваат руските медиуми.