Starship – најмоќната ракета некогаш изградена од компанијата SpaceX, денес го заврши делумно успешното пробно лансирање.
Ракетата била во воздухот околу четири минути пред да почне да се врти надолу, а потоа завршила како огнена топка на површината на Земјата. Тимот на компанијата SpaceX, која е во сопственост на милијардерот Илон Маск, но и експертите кои во живо го следеа лансирањето, сепак пробниот лет го сметаат за успешен.
Ракетата не ја поминала целата тест фаза, но ниту комбето кое се најдело во „погрешно време на погрешно место“ во близина на кое имало прикачени камери за снимање на лансирањето.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа моментот кога дел од ракетата по експлозијата удрил во задното стакло на комбето.
„Почивај во мир комбе, ќе ни недостасуваш“, порачаа водителките во директниот пренос на телевизија по ударот на комбето.
Експлозијата се случила затоа што, според неофицијални информации, првата и втората фаза на фрлачот не успеале да се разделат.
Starship е најголемата и најмоќната ракета во историјата. Леталото од 120 метри е повисоко од „Статуата на слободата“ во Њујорк и беше лансирано од базата на компанијата во Тексас, САД.
Целта на денешната мисија беше Starship да полета, потоа горниот дел од леталото да се одвои и да направи круг околу Земјата пред да слета во океанот во близина на островот Хаваи.
SpaceX планираше да користи Starship за испраќање астронаути и товар на Месечината и Марс.