Израелските одбранбени сили (ИДФ) извршија рација во домовите на високи функционери на Хамас во луксузната населба Римал во градо Газа и пронајдоа околу 35 тунели и големо количество оружје, соопшти денес портпаролот на ИДФ.
„Борбените единици на падобранската бригада, заедно со оклопниот корпус на ИДФ, борбениот инженерски корпус и воздухопловните сили, беа ангажирани во лоцирањето на терористите на Хамас во населбите Шеик Ејалин и Римал“, изјавил портпаролот, пренесува Times of Israel.
Според него, за време на маневрите израелските сили откриле околу 35 тунели, пронашле различни видови оружје и ги елиминирале борците на Хамас. Израелските сили, исто така, извршија рација во воен камп на Хамас и лоцираа складишта за муниција и седум ракетни фрлачи.
ИДФ вели дека Римал е една од најлуксузните населби во Газа и е дом на многу претставници на Хамас.
Хамас користи и цивилни простори во областа за своите воени операции, а во соседството има и воени објекти на милитантната група и владини згради, се додава во соопштението на израелските сили.