Американскиот ултраконзервативен и многу популарен новинар, Такер Карлсон, синоќа премиерно го прикажа своето двочасовно долго интервју со претседателот на Русија, Владимир Путин, на неговата веб-страница и на социјалната мрежа Х (Твитер).
Во воведот тој нагласи дека го прашал соговорникот зошто извршил напад врз Украина, дали поради тоа што чувствувал закана за Русија:
„Добив одговор кој ме шокираше!“, вели Такер Карлсон во најавата за интервјуто.
Американскиот новинар потоа додава дека Владимир Путин половина час зборувал за историјата на Русија. Тој тврди дека неколку пати се обидел да го прекине, но Владимир Путин секогаш се вознемирувал кога го прекинувале:
„На крајот, го оставив да зборува колку сака. И тој беше искрен, сакале или не. Владимир Путин навистина верува дека Русија бара историски права на делови од западна Украина“, тврди новинарот.
„Важно е што Ленин – основачот на советската држава, ја основаше Украина“, изјави Владимир Путин за време на неговите историски лекции.
„На почетокот зборот Украинец опишуваше човек кој живее на рабовите на земјата или работи како граничен чувар, тоа не беше знак на етничка припадност. И тогаш беше создадена советска Украина. По Втората светска војна, покрај териториите кои и припаѓаа на Полска пред војната, Украина доби и делови од Унгарија и Романија. Украина е вештачка држава која беше обликувана според волјата на Сталин“, објасни Владимир Путин.
Владимир Путин, исто така, тврди дека Запад повеќе се плаши од силна Кина отколку од силна Русија, бидејќи Русија има 150 милиони луѓе, а Кина има 1,5 милијарди луѓе и нејзината економија расте 5 отсто годишно.
„Порано имаше повеќе, но тоа е доволно за Кина. Потенцијалот на Кина е огромен. Таа е најголемата економија во светот денес во однос на куповната моќ и големината на економијата. Веќе одамна ги престигна САД и рапидно расте“, тврди Владимир Путин.
„Да не зборуваме кој од кого се плаши… да навлеземе во фактот дека по 1991 година, кога Русија очекуваше да биде примена во семејството на цивилизираните народи, ништо од тоа не се случи. Ветувањето беше дека НАТО нема да се прошири кон Исток, но тоа се случи пет пати. Имаше пет бранови на проширување. Го толериравме тоа, се обидовме да разговараме, рековме: Ве молам немојте, сега сме пазарна економија и повеќе нема Комунистичка партија, ајде да преговараме“, објасни Владимир Путин во интервјуто кое руши рекорди на гледаност.
„Русија нема интерес да ги нападне Полска или Латвија“, изјави Владимир Путин во своето прво интервју за некои западни медиуми откако Русија започна инвазија на Украина.
Владимир Путин ги обвини САД и другите западни земји дека ја продолжуваат војната во Украина и кажа дека мировните преговори со Украина се речиси завршени, но кога веќе било се договорено Украина ги отфрлила сите овие договори и ги послушала инструкциите на западните земји, европските земји и САД да продолжат со борба против Русија до самиот крај.
Како виновник, тој го издвои поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, кој беше принуден да го напушти британскиот парламент во јуни 2023 година. Владимир Путин тврди дека, како премиер, го одвратил Володимир Зеленски да потпише мировен договор во раната фаза од конфликтот.
„Фактот дека Украина го слуша барањето или убедувањето на господинот Борис Џонсон, поранешниот премиер на Велика Британија, изгледа смешно“, вели Владимир Путин.
Тој во разговорот со Такер Карлсон кажа дека Русија не сака никакво проширување на војната која моментално е во границите на Украина.
„Глобална војна не доаѓа предвид. Ова е во спротивност со здравиот разум, бидејќи таквата војна ќе го доведе човештвото на работ на уништување. Исто така, Русија нема никакви интереси во Полска, Латвија или никаде. Можеме да возвратиме само во еден случај, а тоа е ако дојде до напад врз Русија од, на пример, Полска“, нагласи Владимир Путин.
„Досега се завиваше за нанесување стратешки пораз на Русија на бојното поле. Но, сега тие јасно сфаќаат дека е тешко, ако воопшто е можно, да се постигне победа. Според мое мислење, тоа е невозможно по дефиниција. Никогаш нема да ми се чини дека оние кои се на власт на Запад сега го сфатат тоа“, нагласи Владимир Путин.
„Порано или подоцна Русија и Украина ќе се договорат. Јас лично сакам оваа ситуација да се реши со преговори. Русија се уште не ги постигнала целите поставени со оваа специјална воена операција. Запад почна да сфаќа дека е невозможно стратешки да се победи Русија. Сега е време да размислите како и што понатаму. Подготвени сме за дијалог“, тврди Владимир Путин и нагласи дека неговата земја и покрај сите санкции со кои се соочи, стана најсилната европска економија во 2023 година.
Владимир Путин се осврна и на Соединетите Американски Држави и додаде дека верува во обновување на комуникацијата.
„Тоа ќе се случи ако САД се навикнат на менување на светот. Тие треба да се прилагодат на новиот свет и новите односи на моќ. Имав навистина добри односи со некои од претходните американски претседатели. Пред се мислам на Џорџ Буш помладиот, кој многумина го потценија, но беше многу добар. Разбра многу и добро работеше. Имав сличен однос со Доналд Трамп. Но, повторувам, ако идејата за доминација остане по секоја цена во американската јавност, ништо нема да се промени“, кажа Владимир Путин и додаде дека на сите им е јасно дека Американците го уништија гасоводот „Северен тек“.
Такер Карлсон го праша Владимир Путин и за новинарот на The Wall Street Journal, Еван Гершкович (32 г.), кој е притворен во Русија од 23. март минатата година под обвинение за шпионажа.
Владимир Путин вели дека Еван Гершкович бил фатен на дело додека тајно добивал доверливи информации и тврди дека работил за американските специјални служби.
Тој додаде дека Русија е подготвена да разговара за ослободување на Еван Гершкович, со еден услов:
„Сакаме американските специјални служби да размислат како можат да придонесат за постигнување на целите кон кои се стремат нашите специјални служби“.
Патем, во првите денови на февруари Русија беше зафатена од вистинска нескротлива тукероманија. Вистинска еуфорија предизвика посетата на Такер Карлсон, контроверзен, ултраконзервативен новинар и теоретичар на заговори, познат по своите дискриминаторски изјави за мигрантите и жените, за кои руските медиуми тврдат дека Доналд Трамп би можел да го постави за свој потпретседател на претстојните американски избори.
Веб-порталот Vot tak наведува дека престојот на Такер Карлсон во Москва бил како реално шоу. Сè беше надгледувано, каде оди, што јаде, со кого разговара. Такер Карлсон беше невидена ѕвезда на руската јавност. Не го пуштија од видик. Ниту поранешните партиски лидери, ниту најголемите руски естрадни уметници и актери немаа такво внимание.
Интересот особено се зголеми кога беше објавено дека поранешен новинар на радикалната ТВ станица Fox News и отворено проруски аналитичар направил интервју претседателот Владимир Путин во Кремљ. Така, некои медиуми, пресметале дека за само три дена главните руски државни телевизиски медиуми во своите вести го спомнале Такер Карлсон дури две илјади пати.
Руските медиуми јавуваат дека Такер Карлсон имал храброст да разговара со Владимир Путин за да може „да се слушне руската страна на приказната“, а самиот Такер Карлсон ги нападнал своите западни колеги дека само разговарале со Володимир Зеленски и го избегнувале Владимир Путин. Кристијане Аманпур и големите куќи како BBC, NBC и многу други западни медиуми реагираа на ова тврдејќи дека од почетокот на војната во Украина испратиле безброј барања за интервју со Владимир Путин, но Кремљ ги игнорирал.
Но, сосема е јасно зошто Такер Карлсон ги привлекува. Тој ги има истите радикално конзервативни и дискриминаторски ставови како политичко-медиумскиот естаблишмент на Владимир Путин. И на крајот, руските медиуми го следеа Такер Карлсон до крај, објавувајќи ја неговата фотографија во авионот за Белград, од каде што го продолжи патувањето, истиот ден, за Њујорк.