Денвер Нагетс и Србинот Никола Јокиќ направија уште еден чекор кон освојување на титулата во НБА лигата, бидејќи во третиот натпревар од финалната серија го совладаа Мајами Хит со резлутат од 109:94 и поведоа со 2-1.
Српскиот кошаркар одигра уште еден одличен натпревар. Тој запиша нов трипл-дабл и повторно се впиша во историјата на НБА лигата.
Никола Јокиќ го заврши натпреварот со 32 поени, 21 скок и 10 асистенции и со тоа стана првиот играч во историјата на НБА кој забележал трипл-дабл со 30+ поени, 20+ скокови и 10+ асистенции во големото финале.
Со вкупно 10 трипл-дабл во плеј-офот, Никола Јокиќ е апсолутен рекордер. Веќе во полуфиналето го престигна легендарниот Вилт Чембрлен, кој во далечната 1967 година забележа седум трипл-дабл.
Историјата не ги памети бројките кои Никола Јокиќ ги запиша во овој плеј-оф. Србинот е лидер по поени, скокови и асистенции. Ако остане така, тој ќе биде првиот во историјата на НБА кој е најуспешен во трите најважни статистички категории во целиот плеј-оф.
Во финалната серија против Мајами Хит, Никола Јокиќ имаше просек од 33 поени, 14 скока и девет асистенции, со нереален процент на шут од 60 проценти.
На првите три натпревари постигна вкупно 100 поени. Само четворица играчи пред него успеаја да постигнат таков подвиг – Рик Бери, Ален Ајверсон, Вилис Рид и Јанис Антетокунмпо.