„Украинската контраофанзива е забавена од добро вкоренетата руска одбрана“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во интервју за CNN и додаде дека му е жал што оружјето од Запад не стигнало порано, бидејќи тогаш контранападот можел да започне „многу порано“.
„Благодарен сум на САД како лидери на нашата поддршка, но им кажав на нив и на европските лидери дека би сакале порано да започнеме контраофанзива, а за тоа ни треба оружје и друга опрема. Зошто ? Па, затоа што знаевме дека ќе оди побавно ако почнеме подоцна“, објаснува тој во интервјуто.
Претседателот на Украина додаде дека тешкотиите на бојното поле го забавуваат контранападот.
„Сакав контраофанзивата да започне многу порано, бидејќи на сите им е јасно дека ако почне подоцна, голем дел од нашата територија ќе биде минирана. На нашиот непријател му дадовме време и можност да постави повеќе мини и да подготви одбранбени линии“, објаснува тој.
Заменик-министерката за одбрана, Хана Малиар, минатиот месец изјави дека Украина ги чува своите резерви и дека главниот напад штотуку се подготвува.
„Но, без разлика во која насока ќе оди нападот, времето е непријател“, тврди Володимир Зеленски и додава: „Колку подоцна тргнеме, толку потешко ќе биде“.
Како што направи многу пати од почетокот на руската инвазија на неговата земја во февруари 2022 година, претседателот Володимир Зеленски побара од западните влади да испратат понапредно оружје – како американскиот тактички ракетен систем со долг дострел – порано отколку подоцна.
„Тоа ќе ни даде можност да започнеме контраофанзива во некои правци“, вели Володимир Зеленски и објаснува: „Во некои други насоки не можеме ни да размислуваме да започнеме контранапад бидејќи немаме соодветно оружје. И фрлањето луѓе во борба за да бидат убиени од Русите со нивното оружје со долг дострел би било едноставно нехумано“.
Тој, исто така, повтори дека побарал од САД борбени авиони F-16. САД ги овластија своите сојузници да започнат со обука на украински пилоти да управуваат со овие авиони, но сè уште не дозволија самите авиони да бидат испратени во Украина.
„Не станува збор ни за стекнување превласт над Русија на небото“, вели Володимир Зеленски и појаснува: „Се работи за тоа да се биде рамноправен. F-16 ќе им помогнат на нашите сили да напредуваат. Многу е тешко да се напредува без воздушна поддршка“.
Володимир Зеленски го даде интервјуто за CNN во клучен момент – неколку недели по почетокот на контраофанзивата и по неуспешниот вооружен бунт на борците на групата Вагнер.
Краткотрајниот бунт во режија на водачот на таа паравоена организација, Евгениј Пригожин, претставуваше најголема закана за рускиот претседател Владимир Путин во 20-те години од неговото владеење.
Володимир Зеленски вели дека Владимир Путин сега ќе се обиде да ја врати својата моќ и да го „консолидира општеството“.
Тој, исто така, истакна дека рускиот претседател се држи подалеку од очите на јавноста уште од тајниот договор за ставање крај на бунтот Вагнер.
„Каде отиде Владимир Путин по тие настани ?“, праша Володимир Зеленски и кажа: „Тој ретко излегува. Постојано го гледаме само во канцелариите, но никогаш не го гледаме надвор“.
Тој тврди и дека украинската разузнавачка служба соопштила дека Владимир Путин сега мери колкава поддршка има Евгениј Пригожин.
„Половина Русија го поддржува Евгениј Пригожин, а половина го поддржува Владимир Путин. Но, некои области се сè уште неопределени и не знаат на кого да застанат на страна“, вели Володимир Зеленски.
Несомнено е дека работата на Володимир Зеленски е исклучително стресна. Тој води земја во војна, ги мотивира граѓаните и сојузниците и избегнува постојани закани за атентат.
„Ќе бидам искрен, ако продолжам да размислувам за тоа, едноставно би се затворил како Владимир Путин, кој веќе не го напушта својот бункер“, објаснува Володимир Зеленски.
Постојаните закани по неговиот живот не го загрижуваат претседателот на Украина.
„Не можете да се затворите во кафез како животно и постојано да мислите дека некој ќе ве убие. Секако, моите телохранители треба да размислуваат како да го спречат тоа, тоа е нивна работа. Но, не размислувам за тоа“, тврди тој.
Тој вели дека ги цени моментите на осаменост.
„Кога сум сам, можам да слушам музика или да читам книга. И најчесто рано, рано наутро, кога сè уште нема звуци и луѓе. Тогаш можам да читам и да размислувам. А музиката таму многу ми помага“, објаснува тој.
Тој вели дека ги сака AC/DC и многу украински музичари.
„Навистина ми се допаѓа украинската музика бидејќи ми е мајчин јазик. Така можам да ја разберам не само музиката, туку и текстот. Со AC/DC, не ги разбирам сите зборови, но ја разбирам енергијата“, заклучува Володимир Зеленски на крајот од интервјуто.