ВИДЕО | КАКВО ЛУДИЛО ОД НАТПРЕВАР – Најголемото изненадување во Ла Лигата во епски дуел го совлада Атлетико Мадрид со гол во 91. минута

Фудбалерите на Жирона остануваат во „мртва трка“ со Реал Мадрид и по 19. коло од шпанското првенство, во кое пред своите навивачи го совладаа Атлетико Мадрид со резлутат од 4:3 (3:2) во луда игра полна со пресврти.

Веќе во 2. минута од дуелот домашните поведоа со голот на Валери Фернандез. Сепак, во 14. минута Алваро Мората побегна од задната страна и постигна израмнувачки гол, прв од трите што ги постигна на овој натпревар.

Жирона повторно поведе во 26. минута со голот на Бразилецот Сави, а во 39. минута холандскиот ветеран Дејли Блинд ја зголеми предноста на домаќините на 3:1. Во 44. минута Алваро Мората повторно погоди за намалување на негативата на Атлетико Мадрид, а само две минути подоцна уште еднаш ја затресе мрежата, но голот оправдано беше поништен поради офсајд.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГИ СИТЕ ГОЛОВИ ОВДЕ

Сепак, во 54. минута 31-годишниот шпански напаѓач се најде во легална позиција и со хет-трик израмни на 3:3.

Тој резултат стоеше до првата минута од дополнителното време, кога Иван Мартин од шеснаесетникот, опкружен со дефанзивците на Атлетико Мадрид, успеа да упати паметен удар во горниот лев агол покрај немоќниот Јан Облак за големо славје на стадионот.

Така Жирона со 48 бода повторно се израмни со лидерот Реал Мадрид кој на домашен терен ја победи Мајорка со 1:0. Овие два тима заостануваат 10 бода зад третопласираните Атлетико Мадрид и Барселона, а каталонскиот тим има натпревар помалку.

Атлетико МадридЖиронаЛа Лигафудбал