Драматична кавга избувна денес на седницата за пратенички прашања откако пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, брутално го нападна и обвини вицепремиерот Бојан Маричиќ, дека и праќал бакнежи и и намигнувал од неговото пратеничко место.
Дафина Стојаноска му порача на Бојан Маричиќ дека треба да се засрами, а го нарече и „лигав“.
„Јас не знам како не ви е срам. Бакнежи и намигнувања само по дома да си праќаш, лигав еден. На што личи ваквото несоодветно однесување на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ !? И моите колеги многу добро видоа што правеше Бојан Маричиќ. Мојот колега Никола Мицевски неодамна беше обвинет дека нападнал пратеничка, а што беше сега ова што го стори вицепремиерот ?“, кажа Дафина Стојаноска од пратеничката говорница.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ реагираше и до заменик-спикерот, Горан Мисовски, кој ја води седницата, а нему му замери дека не го одржува редот на пратеници кои земаат збор на говорницата.
Тој, пак, ѝ одговори дека не спаѓа во одржување ред ако министер искаже свој политички став.
Обвинувањата подоцна продолжија и на социјалната мрежа Фејсбук каде Дафина Стојаноска во објава продолжи го напаѓа Бојан Маричиќ.
„Бакнежи и намигања – дома!!! Срам за двете знамиња позади!!! Срам за машкиот пол!!! Позади камера е лесно да си мачо-мен. Лигав вицепремиер“, напиша Дафина Стојаноска во објавата.
Со своја реакција се јави и вицепремиерот – Бојан Маричиќ во објава на социјалната мрежа Фејсбук целосно ја демантираше Дафина Стојаноска. Целата објава на вицепремиерот ви ја пренесуваме во целост:
„Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал каква било комуникација ниту сум ѝ испратил каква било вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа.
Дафина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси.
Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации.
Достојноста на македонскиот парламент е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор“, напиша Бојан Маричиќ.