Билатералната соработка, евроинтеграциските цели на двете земји, како и безбедносните предизвици во Европа беа во фокусот на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со молдавскиот премиер Дорин Речан, на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Ковачевски потенцирал дека Молдавија и Северна Македонија делат ист стратешки надворешно-политички приоритет – членство во ЕУ и упатил честитки за стекнатиот кандидатски статус на Молдавија во ЕУ, доделен минатата година.
-Двајцата премиери го истакнаа значењето на евроинтеграцискиот процес во функција на зацврстување на мирот, стабилноста и просперитетот на целиот европски континент. Притоа, премиерот Речан истакна дека Република Северна Македонија го заслужува своето место во Европската Унија, што на земјата секако ќе и донесе подобра иднина. Воедно тој потенцираше дека како земја користат искуство на Северна Македонија, во успешно водење политики, како за визната либерализација со ЕУ, се наведува во соопштението.