Грчките медиуми опширно известуваат за синоќешното крвопролевање, а поставија и едно од главните прашања: Каде беше грчката полиција и како повеќе од сто хрватски хулигани поминаа 1.500 километри без никој да ги спречи ?
Веб-порталот Newsbomb.gr објави документи кои докажуваат дека грчките власти биле однапред известени за можноста за доаѓање на хулиганите од Хрватска, како од таборот на Динамо Загреб, така и од Панатинаикос.
„За жал, не само што не ја сфатија сериозно информацијата што ја добија од наводно сигурен извор, туку беа изненадени од трагичните сцени пред арената“, пишува веб-порталот Newsbomb.gr.
Грчкиот он-лајн весник newswit.gr пишува дека разузнувачите на грчкиот оддел специјализиран за антиспортско насилство веќе два дена знаеле дека во Атина ќе пристигнат хулигани и дека писмено ги известиле сите надлежни служби.
Документите што ги објавија соседните медиуми откриваат дека на 6. август 2023 година, службеници на Одделот за сузбивање на спортско насилство напишале таен документ со наслов „Фудбалски натпревар АЕК – Динамо Загреб“ во кој го истакнуваат следново во врска со информациите што ги добиле од странски власти:
„Во вторник, 08.08.2023 гододина, во 21:45 часот во ‘OPAP‘ арената се игра фудбалски натпревар од 3. прелиминарно коло од Лигата на шампионите помеѓу АЕК – ГНК Динамо Загреб. Според информациите на хрватските безбедносни служби, се очекува во нашата земја да пристигнат околу 150 навивачи на ГНК Динамо Загреб. Според информациите кои дојдоа до нашата служба од инаку сигурен извор и кои постојано се проверуваат, во нашата земја ќе пристигнат 100 организирани навивачи на ГНК Динамо Загреб – BAD BLUE BOYS, од кои дел ќе бидат пречекани од навивачи на Панатинаикос, со кои се збратимени и одржуваат одлични односи и комуникација, а некои претежно ќе престојуваат во различни сместувања на Airbnb во близина на арената. Дополнително, помал број од нив можат да бидат сместени во централните канцеларии на Панатинаикос на улицата ‘Александрова бр. 115’, кои треба да бидат отворени во попладневните часови на 07.08.2023 година“.
Ден потоа, или на 7. август 2023 година, бил доставен втор документ во кој било испратено уште едно предупредување, овојпат повикувајќи ги навивачите да се соберат пред арената „OPAP“ под изговор дека ќе кушуваат билети.
По нередите на хрватските навивачи во Атина во кои беше убиен еден грчки државјанин, Министерството за внатрешни работи на Хрватска извести дека безбедносните информации за навивачите биле доставени до грчката полиција на 4. август, како и до полициите на земјите на рутата на патување.
„Хрватската полиција на 4. август 2023 година ги доставила сите собрани безбедносно-интересни информации за навивачите кои преку меѓународните канали на Европол и Интерпол можеле да заминат во Грција до грчката полиција и безбедносните органи, но и до полицијата на другите земји кои се на патната рута – Србија, Црна Гора, Албанија, Македонија и Косово“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Хрватска.
Оттаму додаваат дека безбедносните информации од овој тип се разменуваат и со земјите на очекуваната рута на патување, а полицијата на секоја земја посебно проценува како ќе постапи во однос на информациите што ќе им бидат доставени.
Во рамките на меѓународната комуникација, црногорската полиција ги известила полициите на земјите на понатамошната рута дека на 7. август во периодот од 03 до 06 часот на излез од Црна Гора кон Албанија во 21 возило открила 120 хрватски државјани.
„Во моментов немаме повратна информација од грчката полиција за односот кон хрватските државјани, а се собираат информации за да се утврдат сите околности“, велат од Министерството за внатрешни работи на Хрватска, пренесуваат тамошните медиуми.
Да потсетиме, по убиството на 29-годишниот Михалис се разрешени седуммина високи офицери на атинската полиција, а информацијата ја потврди и министерот за внатрешни работи на Грција, Јанис Оиконому.
„Насилството на навивачите се уште е длабоко вкоренето. Тоа е паневропски проблем. Ги преземаме сите неопходни мерки и сме во постојана консултација со сите инволвирани тела, бидејќи во наредните денови на грчко тло не очекуваат важни натпревари на УЕФА“, изјавил тој, а потоа се осврнал и на доаѓањето на навивачите на Динамо Загреб.
„Во врска со преминувањето на грчката граница на навивачите на Динамо Загреб, нивните движења во Грција и пристигнувањето на местото на инцидентот, нема да ја ублажам ситуацијата. Ова е недозволив и неприфатлив настан. Грчките безбедносни сили многу брзо приведоа и уапсија 98 лица, но не успеаја во областа на превенција и одвраќање“, вели Јанис Оиконому.
Со одлука на УЕФА, натпреварот од 3. прелиминарното коло во Лигата на шампионите е одложен поради нереди во главниот град на Грција, во кои едно лице загина, осум се повредени, а 98 се уапсени.
Грчки навивач е избоден со нож во конфликт меѓу грчки и хрватски навивачи, по што им подлегнал на повредите во болница.
Владата на Грција соопшти и дека хрватската амбасада во Атина е во постојан контакт со грчките власти во врска со 80-те приведени хрватски државјани.
Во вторникот, хрватскиот шампион Динамо Загреб ги осуди немирите во Атина, наведувајќи дека таквите настани не се во согласност со вредностите и етиката што ги промовираат.