ВИДЕО | МАКЕДОНИЈА ЦЕНТАР НА СВЕТОТ – 30. Министерски состанок на ОБСЕ: Скопје домаќин на високи делегации од 76 земји

Главниот град на државата, Скопје, во наредните два дена е домаќин на 30. Министерски состанок на ОБСЕ.

Скопје во наредните два дена ќе биде речиси целосно „парализирано“ поради доаѓањето на повеќе од 1.000 делегати од 76 земји. Многу улици во центарот на главниот град ќе бидат блокирани. Утре исто така е неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, како и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град.

Главните актери на Министерскиот состанок на ОБСЕ ќе бидат државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Ентони Блинкен и искусниот министер за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.

Во наредните два дена Македонија ќе биде центар на светот, а очите на сите ќе бидат вперени во Скопје.

30. Министерски состанок на ОБСЕ кој официјално започнува утре во 10:00 часот ќе се одржи во спортската сала „Борис Трајковски“ која целосно е трансформирана, а за тоа сведочи и видеото кое го сподели на социјалните мрежи министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи. Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, според најавите ќе одржи воведен говор пред присутните делегации од целиот свет.

спортска сала „Борис Трајковски“

Тоа што му дава посебен „шмек“ на овој настан е фактот што ова е прва посета на Сергеј Лавров или висока руска делегација на земја-членка на НАТО од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Доаѓањето на Сергеј Лавров, пак, е причина за откажувањето на учеството на министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба и министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија и Литванија, Маргус Цахна, Кришјанис Каринш и Габриелиус Ландсбергис, кои претходниот ден најавија бојкот на настанот.

Првиот човек на македонската дипломатија веќе го дефинираше ова како најголем настан во државата од осамостојувањето.

На Министерскиот состанок на ОБСЕ ќе се разговара за иднината на организацијата и за предизвиците со кои се соочува, а се очекуваат одлуки за изборот на земја-претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадорите на 57-те земји-членки неделава во Виена е постигнат договор тоа да биде Малта.

Бујар ОсманиМакедонијаОБСЕполитикаСкопје