Лионел Меси ќе се врати во Барселона !? За таа опција многу се зборуваше во последните недели, особено откако навивачите на ПСЖ го исвиркуваа славниот Аргентинец од натпревар во натпревар.
Навивачите на Барселона секако би сакале повторно да го видат на „Камп Ноу“, иако претседателот на клубот Жоан Лапорта вчера изјави дека овој трансфер е исклучително тежок за остварување, денеска се сретна со таткото на Лионел, Хорхе, кој по тој состанок накратко изјавил: „Лео сака да се врати во Барселона и јас би сакал тоа да се случи. Тоа секако е можност за ова лето“.
Инаку, преговорите меѓу Жоан Лапорта и таткото на Лионел Меси се воделе во куќата на Жоан Лапорта, па шпанските новинари сметаат дека оваа блискост може конечно да доведе до зделка. Иако не беше најавено дека двајцата ќе се сретнат, сепак новинарите успеаја да дознаат за преговорите и ги пречекаа пред куќата, а потоа оваа изјава ја даде таткото на Лионел Меси.
Проблемот во целата приказна може да биде непочитувањето на финансискиот фер-плеј на Ла Лига, но сигурно дека челниците на клубот ќе успеат да го решат тоа доколку се договорат со фантастичниот фудбалер.
Иако има 35 години, Лионел Меси се уште го привлекува вниманието на голем број клубови, па саудискиот Ал-Хилал веќе испратил официјална понуда според која за две сезони би заработил меѓу 400 и 500 милиони евра. Се зборува и за негово заминување во МЛС лигата, од која најзаинтересиран е Интер Мајами, кој не може да понуди толку пари, но може да ја дели сопственоста во клубот кој Лионел би го презел по завршувањето на играчката кариера. Сепак, во Барселона играат на емоции бидејќи на сите им е јасно дека би сакал да се врати во клубот во кој помина 21 година.