Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес изјави дека прекинатиот бунт на руската платеничка група Вагнер за време на викендот го покажа степенот на стратешката грешка што ја направи Кремљ со лансирањето на војна (инвазија) во Украина.
Ова го објави медиумската агенција Reuters, која наведува дека Русија, два дена по бунтот, се обидува да го врати мирот во земјата по брзото напредување на групата Вагнер во саботата, кое заврши со запирање на нападот врз Москва и повлекување од градот Ростов на Дон, кој претходно го окупираа на југот на Русија до нивните бази, согласно договорот со Кремљ кој ја гарантира нивната безбедност.
Се наведува дека нивниот командант Евгениј Пригожин треба да замине во Белорусија, според одредбите од договорот во кој посредник беше белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Настаните за време на викендот се внатрешно прашање на Русија и уште еден показател за големата стратешка грешка што ја направи претседателот Владимир Путин со нелегалната анексија на Крим и војната против Украина“, изјави Јенс Столтенберг за новинарите за време на посетата на литванската престолнина Вилнус, каде во средината на јули ќе се одржи самитот на НАТО.