Големата болница „Ал-Кудс“, која се наоѓа западно од Газа, наводно била под оган од израелската Армија во неделата.
„Источната и јужната страна на болницата ‘Ал-Кудс‘ во Појасот Газа беа под оган“, соопшти саудиската ТВ станица Al-Hadat.
Видео-снимките кои кружат низ социјалните мрежи од наводниот напад можете да ги погледнете ОВДЕ.
Палестинската Црвена полумесечина претходно објави дека раководството на медицинската установа добило предупредување од израелската Армија за нивната намера да ја нападнат болницата. Организацијата на социјалните мрежи нагласи дека континуираните напади траат од утринските часови.
Наводно, покрај 400-те пациенти во болницата, има и околу 12.000 цивили кои избегале од бомбардирањето.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, кажа дека повиците на Тел Авив за итна евакуација на болницата се причина за загриженост.
„Нагласуваме дека е невозможно да се евакуираат болниците полни со пациенти без да се загрозат нивните животи“, напиша Тедрос Аданом Гебрејесус во објава на социјалната мрежа Х (Твитер).
Израел веќе неколку пати предупреди да ја евакуира болницата „Ал-Кудс“ во областа Тал Ал-Хава западно од градот Газа.
Медиумите неодамна објавија дека на мета била и болницата „Ал-Шифа“, која е најголемиот медицински комплекс во Појасот Газа.