Хари Кејн е нов играч на Баерн Минхен. Англискиот репрезентативец ги помина докторските прегледи и потпиша за Баерн Минхен кој на Тотенхем ќе му плати околу 104 милиони фунти.
Баерн Минхен претходниот ден официјално го објави трансферот.
Овој голем трансфер беше комплетиран среде ноќ, по многу компликации и драми, како и тешки преговори меѓу клубовите. Хари Кејн и неговата сопруга Кејти пристигнале во Германија со ноќен лет во петокот, откако неговиот лет бил откажан два пати претходно.
Сè требаше да се направи порано во текот на денот, но Тотенхем два пати го повика Хари Кејн да не влезе во авионот бидејќи преговорите со неговиот нов клуб беа заглавени. Англиските медиуми пишуваат дека Хари Кејн дури чекал во автомобилот пред аеродромот додека клубовите не се договорат, а потоа се качил во ноќниот авион за Минхен.
Ноќта тој имал докторски преглед, а во два по полноќ ги поздравил навивачите од прозорец, со што потврди дека е новиот играч на Баерн Минхен кој бараше убиствен напаѓач уште од заминувањето на Роберт Левандовски во Барселона.
Германските медиуми пишуваат дека капитенот на Англија денеска би можел да дебитира во германскиот Суперкуп кој Баерн Минхен го игра против Лајпциг. Самиот напаѓач го најави трансферот, обраќајќи им се на навивачите на Тотенхем на социјалната мрежа Твитер.
„Здраво на сите, сакав да бидам првиот што ќе ви го кажам ова. Драги фанови на Тотенхем, денес го напуштам клубот. Многу сум емотивен. Тажен сум затоа што го напуштам клубот во кој поминав речиси 20 години од мојот живот, од кога бев 11-годишно момче до сега кога сум 30-годишен маж“, изјавил Хари Кејн и продолжил: „Поминавме многу убави моменти и создадовме убави спомени кои засекогаш ќе ги носам со себе. Им благодарам на сите мои соиграчи, на сите тренери, на сите во клубот, од чуварот до готвачот. Што е најважно, благодарам на навивачите на Тотенхем. Отсекогаш сум бил еден од вас и направив се што можев за да бидете горди и да имате што повеќе посебни моменти и спомени за кои се надевам дека ќе траат вечно“.