Српскиот тенисер со голем оптимизам ја очекува новата сезона
Новак Ѓоковиќ напорно се подготвува за следната сезона каде покрај стандардните четири Грен слем турнири ќе ги има и Олимписките игри, што сигурно ќе биде посебен мотив за најдобриот светски тенисер.
Тој за шпанска „Марка“ откри кои се неговите цели за следната сезона, а допре и до златниот грен слем.
-Дали некој веруваше пред две, три или пет години дека можам да освојам три Грен слемови, луѓето мислеа дека тоа не е реално, додека јас имав спротивно мислење. Едноставно се познавам себеси и моето тело. Ако сум психички и физички на највисоко ниво, мислам дека можам да стигнам до златниот Грен слем – изјави Ѓоковиќ.
Најдобриот светски тенисер истакнува дека со оваа изјава не сака да ги омаловажи другите тенисери кои исто така имаат големи амбиции.
- Не сакам да звучи без почит кон другите тенисери, бидејќи секогаш внимавам на нив. Има илјадници такви кои се борат за секој Грен слем. Знам кој сум, верувам во себе и тоа е она што ме доведе до овие височини – заврши Ѓоковиќ.