Во Амазон е пронајден огромен древен град кој бил скриен од бујна вегетација илјадници години, а ова откритие треба да го промени знаењето за историјата на луѓето кои живееле во Амазон.
Куќите и плоштадите во областа Упано во источен Еквадор се поврзани со голема мрежа на патишта и канали, пишува BBC.
Областа лежи во сенка на вулкан, што ја прави околната почва многу плодна, а токму тоа може да биде една од причините што довела и до исчезнување на човечката заедница што живеела во градот.
Со претходното знаење за градовите во висорамнините на Јужна Америка, како што е Мачу Пикчу, се верувало дека луѓето во Амазон живееле само номадски или во мали населби.
„Ова е постаро и поголемо од кој било друг археолошки локалитет во Амазон што го знаеме. Имаме евроцентричен поглед на цивилизацијата, но тоа покажува дека треба да ја промениме нашата идеја за тоа што е култура и цивилизација“, вели професорот Стефан Ростајн од Центарот за научни истражувања во Франција, кој го предводеше истражувањето, пренесува New Scientist.
Антоан Дорисон, еден од авторите на истражувањето, тврди дека начинот на кој ја разбираме амазонската култура сега се менува.
„Повеќето луѓе замислуваат мали групи на веројатно голи луѓе кои живеат во колиби и работеле на земја, но ова покажува дека античките луѓе живееле во сложени урбани средини“, тврди Антоан Дорисон.
Градот бил изграден пред околу 2.500 години, а според археолозите, таму луѓето живееле и до илјада години.
Тешко е да се процени точно колку луѓе живееле таму во исто време, но научниците проценуваат дека мора да имало 10.000, ако не и 100.000.
Археолозите комбинирале теренски ископувања и ласерски сензори од авиони за да го откријат градот, кој бил скриен под густата вегетација и дрвја.
Со помош на технологијата LiDAR пронајдени се 6.000 правоаголни платформи со димензии 20х10 метри и високи 2-3 метри. Тие биле распоредени во групи од три до шест единици околу плоштад со централна платформа.
Научниците веруваат дека ова се домови, но некои можеби биле користени за церемонијални активности. Еден комплекс, во Киламопе, вклучувал и платформа со димензии 140×40 метри.
Мрежа од рамни патишта и патеки поврзуваат многу од платформите, вклучително и онаа што се протега на 25 километри.
Антоан Дорисон смета дека овие патишта се најимпресивниот дел од истражувањето.
„Патната мрежа е многу софистицирана. Се протега на огромно растојание, сè е поврзано. Има прави агли, што е многу импресивно“, вели тој, објаснувајќи дека е многу потешко да се изгради прав пат отколку оној што се вклопува во пејзажот.
Се верува дека некои имале големо значење, што можеби било поврзано со ритуал или верување.
Научниците, исто така, идентификуваа насипи, секој со страничен ров, за кои веруваат дека биле канали кои помогнале да се управува со изобилната вода во регионот.
Тие откриле и знаци на закани за градовите. Некои ровови ги блокираат влезовите во населбите, што може да биде доказ дека постоела закана од други народи.
Археолозите за првпат пронајдоа докази за градот во 1970-тите години, но ова е првпат сеопфатно истражување да биде завршено по 25 години. Сега е познато дека градот бил дом на големо, сложено општество кое изгледа поголемо од цивилизацијата на Маите во Мексико и Централна Америка.
„Замислете дека откривте друга цивилизација како Маите, но со сосема поинаква архитектура, употреба на земја и керамика“, вели Хозе Ириарте, професор по археологија на Универзитетот во Ексетер, кој не бил вклучен во ова истражување.
Некои од откритијата се „уникатни“ за Јужна Америка, објасни тој, покажувајќи на октагоналните и правоаголните платформи наредени заедно.
Не се знае многу за луѓето кои живееле таму и какви биле нивните заедници. На платформите се пронајдени јами и огништа, потоа тегли, камења за мелење растенија и изгорени семиња.
Заедниците Киламопе и Упано веројатно главно се занимавале со земјоделство. Луѓето јаделе пченка и сладок компир, а веројатно пиеле и чича, вид слатко пиво.
Во следната фаза на истражување, научниците сакаат да откријат што има во соседната област од 300 квадратни километри што се уште не е истражено.