ВИДЕО | ОВА МЕСТО Е ДЕЛ ОД ЗЕМЈА-ЧЛЕНКА НА НАТО – Плаќањето се врши во рубли, летаат руски хеликоптери и се слават руски празници…

Баренцбург е руска рударска колонија на норвешкиот остров Свалбард, во средината на Арктичкиот Океан. Ѕидовите на зградите се украсени со мурали од советската ера, локалниот паб наплаќа во рубли, а градот сè уште може да се пофали со биста на Ленин. Во 1920-тите години Данците основале населба и изградиле рудник, а во 1932 година ја препуштиле концесијата на Советскиот Сојуз.

Според договорот од 1920 година, норвешката Влада има „целосен и апсолутен суверенитет“ над Свалбард во замена за еднакви права на граѓаните на земјите потписнички, вклучително и Русија. Речиси сите 400 жители се Руси или Украинци. Баренцбург има норвешки поштенски број и телефонските броеви започнуваат со норвешки број. Но, на влезот во пристаништето со големи бели букви на руски е напишано „Добредојдовте во Баренцбург“, а на зградите се веат руски знамиња, пишува весникот The Guardian.

Животот во малиот град драстично се промени по руската инвазија на Украина. До неодамна, жителите на Баренцбург имаа добри и срдечни односи со арктичките соседи на Норвешка, оркестрите и детските хорови патуваа меѓусебно, се одржуваа шаховски и други натпревари. Рускиот генерален конзул во БаренцбургАндреј Чемерило, ја предводеше парадата на десетици возила и хеликоптери со руски знамиња на 9. мај оваа година, кога Русија ја слави победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Знамето на „Народна Република Доњецк“ е истакнато во напуштена рударска населба од советската ера.

Баренцбург

Во јули, по повод Денот на морнарицата, Русите парадираа со мала флотила бродови во норвешките води, пишува весникот. Руските власти ги отфрлаат критиките дека тоа е демонстрација на моќ на теренот на членка на НАТО: тие тврдат дека тоа се обични, прилично традиционални церемонии. Сепак, Терје Ауневиќ, директор на Клубот на претставници на норвешката либерална партија во локалниот парламент, истакнува дека 9. мај во Баренцбург се прославува со сосема поинаков, пријателски тон, со популарни прослави, говори и музика. Тој посочува дека за 25 години колку што живее таму не видел парада со знамиња и хеликоптери.

Претходно поврзаните заедници, руско-украинската и норвешката, се оддалечија. Официјалниот регионален туристички одбор, Visit Svalbard, повеќе не промовира патување во ниту една од руските населби, а повеќето норвешки тур-оператори целосно престанаа да носат туристи таму. Оние кои сè уште сакаат да одат во Баренцбург, жителите на Лонгјарбјен обично ги советуваат да ги исклучат телефоните и лаптопите – за да избегнат евентуален руски надзор, известува Рони Брунвол, директор на Visit Svalbard.

Речиси сите жители на Баренцбург се вработени во руската државна компанија „Арктикугол“. Од почетокот на руската инвазија на Украина, многу Украинци и Руси го напуштија Баренцбург. Тие отидоа на копното, во Европа или во норвешкиот Лонгјарбиен. Таму се населил и Украинецот Иван Величенко (36 г.). Тој работел во руска туристичка канцеларија во Баренцбург, но си заминал поради притисок откако учествувал во демонстрациите за труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Оттогаш, Иван Величенко им помогна на многу Украинци да го напуштат Баренцбург и да побараат азил во Европа

По избувнувањето на војната, многу луѓе почнаа да заминуваат бидејќи не можеа да издржат“, истакнува тој. 

Во Баренцбург останаа уште некои Украинци, најверојатно проруски. Имено, голем број рудари пристигнаа во Баренцбург од Луганск и Доњецк, кои Русија самоволно ги анектираше минатата година од Украина.

Баренцбург

Андриан Влахов, социјален антрополог од Москва, кој со години го проучувал населението на Баренцбург, вели дека од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим, многу жители – и Украинците и Русите – морале да избираат помеѓу да ги изразат своите ставови или да ги задржат своите работни места.

The Guardian пишува дека Норвешка изгледа презема чекори за зајакнување на контролата над островот. 

Јасно е дека постои растечки тренд кон различни видови на контрола за да се направи просторот понорвешки“, вели Дина Брод-Роџер, истражувач на Универзитетот во Лувен

Норвешката Влада инвестира многу пари за да им го овозможи животот на луѓето во арктичкиот архипелаг.

Напролет Владата треба да објави нов 10-годишен план за регионот: иднината на руската колонија во Свалбард најверојатно ќе биде насочена кон туризмот, а не рударството, додека за Владата во Осло акцентот ќе биде ставен на зголемување на удел на норвешкото население на Свалбард, а со тоа и на намалување на руското влијание.

БаренцбургживотНорвешкаРусијаСвалбард