Олга Скабеева, водителка на руската државна телевизија и една од главните пропагандистки на претседателот Владимир Путин, предложи Русија да ја нападне Турција.
Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, на социјалната мрежа Твитер сподели видео-снимка од руската државна телевизија во која Олга Скабеева сугерира Русија да нападне една од членките на НАТО.
Олга Скабеева ја водеше дискусијата со Пјотр Толстој, заменик-претседател на руската Дума и еден од функционерите во партијата на Владимир Путин – Единствена Русија.
„Дали сме подготвени да војуваме со Турција ? Реџеп Таип Ердоган тврди дека Црното Море е негово“, прашала реторички Олга Скабеева.
Пјотр Толстој ѝ одговорил дека се уште не е време за такво нешто.
„Треба само да шутираме“, додала Олга Скабеева, а Пјотр Толстој рекол дека ќе шутираат, но откако ќе завршат со Украина.
Знаејќи го фактот дека државната телевизија е под директна контрола на Владимир Путин, тоа може да се толкува како еден од показателите за промена на курсот кон Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Односите меѓу Турција и Русија се интензивираа откако турскиот претседател го одобри влезот на Шведска во НАТО, а потоа се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кому му вети континуирана помош.