На социјалните мрежи се појави видео-снимка од телохранителите на севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, како користат бели ракавици за да го бришат столот на кој тој седел за време на вчерашната средба со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа преку него поминуваат со специјален уред.
Помеѓу другите, видео-снимката ја објави и Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, а истата можете да ја погледнете ОВДЕ.
„Наводно, тоа се подготовки насочени кон столчето на кое треба да седне Ким Џонг Ун за да биде во најдобра можна состојба“, напиша Антон Герашченко во оваа објава.
Во коментар на својата објава, еден од корисниците на социјалната мрежа Х (Твитер) напиша дека од Русија објасниле дека тоа е направено по средбата на Ким Џонг Ун со Владимир Путин со цел да се отстранат отпечатоците од прстите и наодите од ДНК на севернокорејскиот лидер од столчето.
Видеото го привлече вниманието и на британските медиуми, тие објавија дека столчето е избришано пред средбата меѓу Владимир Путин и Ким Џонг Ун во просториите на космодромот Восточни на истокот од Русија.
Се наведува дека една од причините за тоа може да биде стравот на Ким Џонг Ун од радијација во таа соба.
Дел од медиумите пишуваат дека постои верување во меѓународната заедница дека тоа е затоа што Ким Џонг Ун знае дека наредбите за атентат од страна на Владимир Путин се познати по тоа што ги користи смртоносните суптанци „Новичок“ и „Полониум 210“ за да ги трујат непријателите или отфрлените пријатели.
Се вели дека луѓето на Ким Џонг Ун ја провериле и издржливоста на столот за да може на него да седне лидерот кој наводно тежи повеќе од 130 килограми.