Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Брисел заедно со колегите министри од земјите членки на ЕУ, претставници од Европскиот парламент, од Агенциите за правда и внатрешни работи на ЕУ – ЕВРОПОЛ, СЕЛЕК и ЕУРОЏАСТ, и меѓународните организации, како рамноправни партнери на иста маса на заедничката средба, која ја отвори претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, креираа на заеднички политики, со цел да се создаде Глобална алијанса за борба против криумчарењето мигранти.
По завршувањето на Меѓународната конференија за глобален сојуз за борба против криумчарење мигранти, од зградата на Европската комисија во Брисел, јави дописникот на МИА, Оливер Спасовски изјави дека произлегол и заедничкиот повик за акција на засилена соработка помеѓу сите нив како партнери.
„Прва причина за тоа е што справувањето со шверцот на мигранти по клучните рути и чувањето на надворешните граници како врвен приоритет претставува ништо помалку од заеднички предизвик. Второ, затоа што решавањето на овој предизвик ќе биде можно само со заеднички напор, колективната акција и продлабочена взаемна соработка на меѓународно рамниште. И трето, затоа што сето ова говори дека не може да зборуваме за стабилна и безбедна Европа, за сигурни европски граници, без стабилна и безбедна Северна Македонија, без силно гранично управување. Конечно, оваа Глобална алијанса е уште една потврда дека цврстата порта на нашата земја ја гарантира безбедноста на европските граници, а спречувањето на прекуграничниот криминал кај нас, ветува безбедност на европскиот граѓанин. Тоа е спрегата која означува дека сме ја поминале критичната точка за приближување кон ЕУ“, вели министерот Оливер Спасовски.
Политиките што ги спроведовме на дело во изминатиот период, поради кои годинава обезбедивме намалување на обидите за илегални преминувања за 50 проценти во однос на лани, посочи Оливер Спасовски, покажаа дека Република Северна Македонија е подготвена и способна да го обезбеди своето место во Европската Унија. Исто колку што македонските граѓани природно припаѓаат кон европското семејство, потенцира тој, ги заслужуваат европските вредности и тежнеат кон избраната перспектива за еднакви можности, за владеење на правото, слобода, пазарна економија, грижа на државата за секој граѓанин, за живот во стабилно општество во кое правилата и правата се константа како и за нивните идни сограѓани во ЕУ.
Овој денешен состанок, впрочем како и неколкуте историски настани наназад, во кои државата се востоличи како рамноправен партнер токму преку МВР, истакна минситерот Оливер Спасовски, а јас како министер ја имав честа да бидам иницијатор и директен учесник – како што беше отпочнувањето на заедничката операција со Фронтекс во април годинава, или Договорот со ЕУ на македонски јазик, кој го потпишав половина година пред тоа, се моментумите кои ја означуваат точката од која нема враќање назад од европскиот пат.
„А штом стигнеме до целта на оваа маратонска трка – чии долги патеки со препреки не нѐ исплашија, туку нѐ мотивираа, во која сме длабоко навлезени и одиме кон целта – дури тогаш ќе можеме да бидеме потполно задоволни – со длабочината на реформите, со процесот на демократизација, со промените на вредностите, со резултатите од вградената енергија, визии и макотрпна работа. Затоа нашиот интерес е ЕУ! Затоа Европа е единствената алтернатива која нуди најдобра иднина за нашите граѓани, која сакаме, можеме и мора да ја достигнеме! Особено сега, кога сме на чекор до неа“, изјави во Брисел, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.