Невиден хаос претходната вечер настанал во лондонското метро кога патниците наеднаш почнале да кршат прозорци за да излезат од вагоните кои започнале да се полнат со чад, пишуваат британските медиуми.
Сепак, пожарникарите соопштиле дека немало пожар, а полицијата кажала дека патниците ги фатило паника поради „прашина од сопирачките“ (кочниците) која често може да се помеша со мирис на чад.
Видео-снимката од метро станицата Clapham Common која кружи на социјалните мрежи покажува како патници брзаат кон вратата додека луѓето надвор се обидуваат да ја отворат.
Технолошкиот работник Џејк Шарп (32 г.) бил во метрото кога почувствувал мирис на чад.
„Во возот мирисаше на чад. Вагоните се наполнија со чад и вратите не се отвораа, кога се обидовме да ги отвориме се отворија само 10 сантиметри. Градежните работници кои се враќале од работа имале чекани и други алатки за да ги скршат прозорците за да ги извлечат патниците. Немаше никаква реакција од персоналот на станицата иако луѓето врескаа и повикуваа на помош“, изјавил Џејк Шарп за британските медиуми.
За инцидентот во метрото во Лондон проговорила и полицијата.
„Добивме дојава за неисправниот воз нешто пред 18 часот. Свесни сме за снимките на кои се гледа како патниците се обидуваат да го напуштат возот. Се верува дека проблемот е предизвикан од прашината од сопирачките, која често може да се помеша со палењето“, соопштила тамошната полиција.