По официјалниот пречек пред Владата, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, треба да има тет-а-тет средба со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации.
Во составот на македонската делегација се министерката за одбрана, Славјанка Петровска, првиот човек на дипломатијата Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески.
Предвидено е Димитар Ковачевски и Јенс Столтенберг по средбите да одржат заедничка прес-конференција.
Јенс Столтенберг е во дводневна посета на Скопје во рамки на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан.
Генералниот секретар на НАТО попладнево ќе има билатерална средба со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, по што ќе се обрати пред пратениците во законодавниот дом, во рамки на 132. седница.
Јенс Столтенберг исто така ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски во неговиот кабинет.
Утре во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.
Јенс Столтенберг и Димитар Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб.
Турнејата низ регионот Јенс Столтенберг ја започна од Босна и Херцеговина во неделата, по што замина во посета на Косово. Од вчера Јенс Столтенберг престојуваше во Србија, од каде денес попалдне допатува во Скопје, како последна етапа од неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан.
На генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, добредојде на Меѓународниот аеродром во Скопје во сојузничка Северна Македонија, му посака министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
„Добредојдовте во Северна Македонија, посветен и докажан сојузник во Алијансата. Почестени сме што во македонскиот главен град ќе се реализира заедничката средба со лидерите на Северна Македонија и сојузниците – Албанија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Тоа покажува дека НАТО ја цени улогата на Северна Македонија како сојузник и важен столб стабилност во Западниот Балкан, рече министерката по пречекот на генералниот секретар на НАТО“, соопшти Министерството за одбрана.