Јавноста во Македонија конечно го доби одговорот на прашањето што изминатиот период предизвика гнев кај повеќето граѓани – Каква ќе биде судбината со рудникот „Иловица-Штука“ или „рудниците на смртта“.
Владата претходниот ден донела одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, која беше донесена на владина седница на 27. јуни и беше повод за последната серија протести и бурни реакции во јавноста особено во регионот на Струмица.
За ова денес информираше на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши. Тој вели дека неговите колеги во Владата гласале едногласно.
Претходната одлука на Влада од 27. јуни беше повод за бурни реакции од локалното население и невладините организации, кои излегоа и на протести, на кои се појавија и дел од министрите од Владата односно Каја Шукова и Јована Тренчевска.
Токму министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, гостуваше во емисијата Во Центар, каде што откри многу детали за овие спорни рудници во регионот на Струмица.
Во емисијата Во Центар, министерката, Каја Шукова, открива дека на претходната владина седница од 27. јуни, составот на Владата не бил доволно добро информиран од страна на министерот за економија, Крешник Бектешки, околку прашањето за рудникот „Иловица-Штука“.
Токму поради оваа владина седница, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара оставка од дел од Владата поради несериозноста, бидејќи министрите на двата клучни безбедносни ресори во државата (Оливер Спасовски и Славјанка Петровска) не биле доволно добро информирани, а тоа претставува сериозен скандал, бидејќи во државата може да се направи нешто без да бидат информирани Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.
Ова прашање, поставено од новинарот Васко Ефтов кон министерката Каја Шукова доби краток одговор: „Повторно ќе кажам, за вакви сериозни процеси, мора да има повеќе денови дискусија, и ова да не оди како дополнителна точка на Влада, ова е сериозно…“
Претходниот ден, токму овде на веб-порталот vocentar.com ја откривме вистината за тоа кој точно ги потпишал дозволите за концесија на рудникот „Иловица-Штука“, а целата оваа вест можете да ја прочитата ТУКА.
Крешник Бектеши: „Се вративме чекор назад, да не се остави простор за арбитражна постапка“
Денес, министерот за економија, Крешник Бектеши, на двочасовна прес-конференција ја објасни постапката околу концесиите за рудникот „Иловица-Штука“.
„Вчера не беше одбиена одлуката за спојување на концесиите, туку се донесе одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите. Всушност, не сме им земале некакво право на концесионерите, ниту сме им ја зеле концесијата или сме им го одбиле барањето, ние само сме се вратиле чекор назад. Тоа го кажав и вчера и пред еден месец. Јас ќе ја почитувам секоја владина одлука, тоа ми е и обврска, но е и моја должност како претставник на Министерството за економија да укажам на можни последици од носење или неносење одлуки“, изјави Крешник Бектеши.
Вака Крешник Бектеши ја дообразложи постапката околу концесиите за рудникот „Иловица – Штука“ и напомена дека Министерството за економија е подготвено да направи уште еден теренски увид, за да се утврди дека концесиите се соседни и дека се работи за истиот концесионер.
Според Крешник Бектеши, одлуката за враќање на концесијата е конечна, а за барањето за спојување на концесиите од 2016 година му е наложено на Министерството за економија да постапи согласно управната постапка.
Тој најави дека кога ќе се бара дозвола за експлоатација за втората концесија, Министерството за економија ќе ја донесе истата одлука како за првата концесија, а тоа е одбивање со решение на барањето за дозвола на експлоатација поради некомплетна документација што следствено ќе значи предлог-одлука за едностран раскин на договор.
„Вчера на владината седница имавме повеќечасовна дискусија, изнесени беа различни ставови. Едногласно беше донесена Одлуката за прекинување на важноста на претходната одлука за спојување на концесиите, но јас апстинирав зашто не можам како претставник на Министерството за економија да гласам спротивно на тоа што и вчера и пред еден месец беше презентирано и орбазложено од страна на Министерството за економија. Јас ќе ја почитувам владината Одлука, но мора да потенцирам дека моја должност како министер за економија е да се запазат правно-формалните процедури. Треба да ги заштитиме целосно граѓанинот и државниот интерес и да не одолговлекуваме со неносењето одлуки. Сега, практично се враќаме назад, роковите се враќаат од почеток. Веќе сме одзеле една концесија во 2019 година за некомплетна документација по барањето дозвола за експлатација. За жал, таа одлука е одбиена од страна на судот. Министерството за економија ќе го донесе истото ова решение и за втората концесија, но дали тоа ќе го реши проблемот ? Ние не сме убедени дека ќе го реши. Со престанокот на важење на претходната одлука, формално-правно се враќаме таму каде што бевме, не носиме ни негативна, ни позитивна одлука“, објасни Крешник Бектеши.
Одговорот на сите останати спорни прашања околу рудникот „Иловица-Штука“ во регионот на Струмица можете да ги пронајдете во емисијата Во Центар – „Која е вистината за рудниците на смртта“, каде министерката Каја Шукова детално одговараше на прашањата од новинарот Васко Ефтов.